„Ги повикавме повеќето приватни и државни агенции за погреби, трговски субјекти и погребни сали. Некои велат дека местата се зафатени. Некои одбиваат да разговараат кога ќе го слушнат името на Навални. На едно место директно ни кажаа дека им било наредено да не соработуваат со нас“, изјави денеска портпаролката на Навални, Кира Јармиш, на социјалната платформа Икс
Соработниците на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални велат дека не можат да најдат локација во руската престолнина за да одржат јавна церемонија за збогување со најжестокиот критичар на Кремљ и на претседателот Владимир Путин.

Претходно мајката на Навални, Људмила Навални, изјави дека била уценувана од официјални руски претставници кои барале од неа тајно да го погреба својот син.
„Ги повикавме повеќето приватни и државни агенции за погреби, трговски субјекти и погребни сали. Некои велат дека местата се зафатени. Некои одбиваат да разговараат кога ќе го слушнат името на Навални. На едно место директно ни кажаа дека им било наредено да не соработуваат со нас“,
напиша денеска портпаролката на Навални, Кира Јармиш, на социјалната платформа Икс.
Since yesterday we have been looking for a place where we can organize a farewell event for Alexey. We have called most of the private and public funeral agencies, commercial venues and funeral halls.
— Кира Ярмыш (@Kira_Yarmysh) February 27, 2024
Some of them say the place is fully booked. Some refuse when we mention the…
Роднините на Навални допрва треба да ги потврдат деталите за прошталната церемонија и погребот на критичарот на Кремљ, објави „Карент тајм“ (Current Time), медиумски проект на руски јазик кој го води Радио Слободна Европа (РСЕ) во соработка со Гласот на Америка.
Каналот на Телеграм, „База“, вчера, повикувајќи се на неименувани извори на гробиштата „Борисовски“ во Москва, објави дека вработените почнале со подготовките за погребот на Навални во текот на ноќта додавајќи дека како прелиминарен датум е одреден 29 февруари.
„База“, како што пренесува РСЕ, објави и видео што го добило од следбеник, а на кое се гледа дека местото на гробиштата претходната вечер било темелно исчистено од снег, со присуство на голем број полициски возила. Сепак, веродостојноста на видеоснимката не е независно потврдена.
Телото на Навални ѝ беше предадено на неговата мајка Људмила Навални на 24 февруари, повеќе од една недела по неговата сомнителна смрт во казнената колонија во арктичкиот круг. Причината за смртта на 47-годишниот опозициски лидер сè уште не е официјално соопштена.
Пред да биде предадено телото, мајката на Навални изјави дека властите поставуваат услови за тоа каде, кога и како да биде погребан нејзиниот син.
„Тие сакаат тоа да биде тајно“, рече таа.
Роднините, соработниците и западните претставници на Навални го обвинија претседателот Владимир Путин за смртта на опозицискиот лидер во затвор. Руските власти ги отфрлија ваквите обвинувања нарекувајќи го хистеричен гневот на меѓународната заедница поради смртта на Навални.
Михаил Ходорковски, водечка руска опозициска фигура во самопрогонство, претходно во интервју за РСЕ изјави дека јавен погреб може да предизвика конфронтации од големи размери меѓу поддржувачите на Навални и органите на редот.
Навални почина додека отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам.