Најголемата придобивка е отворање на Пандорината кутија за усогласување на платите во сите дејности и во приватниот и во јавниот сектор, изјави денеска првиот човек на СОНК
На почеток на преговорите сме, продолжуваме каде што застанавме. Се надеваме дека за 10 дена ќе имаме резултат, изјави денеска претседателот на СОНК, Јаким Неделков, по средбата со владини претставници со помош на медијатор, по нивното барање за зголемување на платите во образованието и социјалната заштита. Тој рече дека овие преговори ќе траат во следните 10 дена и ако е потребно уште 10, по што ќе се знае дали штрајкот кој сега е во мирување ќе се активира или ќе се прекине.
„Реално сите имаме очекувања да излеземе од овој штрајк со позитивен резултат и не како победници, туку како социјални партнери, кои ќе најдат заеднички прифатливи решенија, каде што нема да има победници и губитници. Ние ја отворивме Пандорината кутија за подигнување на работничката свест, за подигнување на барањата на работниците во однос на почитување на законите и колективните договори, особено овој закон за минималната плата, со кој апсолутно секој работник во државата е засегнат. Тоа е можеби најголемиот успех што СОНК го направи во име на сите работници во државата. Најголемата придобивка е отворање на Пандорината кутија за усогласување на платите во сите дејности и во приватниот и во јавниот сектор“,
рече Неделков.
Во однос на учебната година, Неделков не гледа причина таа да не заврши на 10 јуни, но сепак посочи дека Бирото за развој на образованието ќе процени колку наставни часови им фалат на наставниците и да се направи програма која ќе се реализира до 10 јуни, со што учебната година би завршила согласно закон.
„Постои основ, Министерот за образование има дискреционо право по 100 одработени наставни денови да ја верифицира годината како завршена, не постои опасност од кршење на некој закон дека не се реализирани 180 наставни денови“,
изјави Неделков.
Во четвртокот минатата недела штрајкот на вработените во основните и средните училишта беше ставен во мирување, по речиси три недели немање настава, а преговорите на СОНК и Владата одат преку медијација, односно медијатор од МТСП.