„Беше индикативно, затоа што првата фаза која помина, понудата на оваа фирма беше приближно скоро иста со другите две фирми, значи не се разликуваше многу, може за некои стотина илјади евра. Меѓутоа, во втората фаза спуштија неверојатно ниско, скоро 50 отсто поевтина сума, и тоа ни го потврди сомнежот дека по секоја цена сакаат да го земат (тендерот н.з.)“, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот брифинг со новинарите, пренесува МИА
Од Министерството за одбрана денеска на брифинг со новинарите информираа за случај во кој сомнителна фирма со руски капитал се обидела да влезе на тендер за набавка на специфична опрема во Министерството.

Фирмата, како што пренесува МИА од брифингот во присуство на министерката Славјанка Петровска, била регистрирана во земја членка на Европската Унија за да се прикаже како релевантна на пазарот. Сепак, уште пред да биде направена безбедносната проверка во постапката за јавната набавка, македонските разузнавачки служби го вклучиле алармот оти станува збор за сомнителна руска фирма.
„Тоа беше индикативно, затоа што првата фаза што помина понудата на оваа фирма беше приближно скоро иста со другите две фирми, значи не се разликуваше многу, може за некои стотина илјади евра. Меѓутоа, во втората фаза спуштија неверојатно ниско, скоро 50 отсто поевтина сума и тоа ни го потврди сомнежот дека по секоја цена сакаат да го земат (тендерот)“,
вели министерката Петровска.
Информирајќи за случајот, таа кажа дека според Кривичниот законик во конкретниот случај нема основа за кривично дело, но посочи дека заштитата на безбедноста на државата треба да се крене на повисоко ниво.
Во тој контекст, Петровска рече дека се прават анализи за можна промена на Законот за јавни набавки во делот каде што како главен критериум за добивање јавна набавка фигурира најниската понудена цена.
„Правиме некои анализи, веројатно ќе треба Законот за јавни набавки да се промени, затоа што во општиот закон, освен за законот од областа на одбраната и безбедноста, се вели дека најниската цена добива. Ние не можеме да си го дозволиме тоа. Дури кога набавуваме и храна за Армијата не можеме да си дозволиме најниска цена, затоа што треба да внимаваме на квалитетот, бидејќи ние набавуваме буквално сѐ“,
вели Петровска, пренесува државната новинска агенција.
На брифингот, но и на кратката прес-конференција по него, стана збор и за Законот за вработените во одбраната, кој беше донесен на 28 февруари со 97 гласа „за“, по неколкумесечна блокада во Собранието.
Според Петровска, новиот закон е силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем, како и дека првпат од осамостојувањето на државата вработените во одбраната, како составен дел од целиот систем имаа посебно законско решение.
Министерката истакна дека станува збор за сеопфатно законско решение, според НАТО-стандарди, кое предвидува унапредувања според мерит-систем, создавање услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО-позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност.
„Овој закон значи силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. За прв пат 32 години по осамостојувањето, вработените во одбраната, кои се составен дел од целиот систем имаат посебно законско решение, статус кој го заслужија со нивната работа, со нивната професионалност и нивната посветеност која во голема мера овозможи нашата држава да стане членка и целосно да се интегрира во Алијансата“,
рече Петровска.
Со новиот закон, додаде таа, предвидено е вработување без јавен оглас на лица со попреченост, како и членови на семејства кои имаат починат вработен во Министерството за одбрана.

Таа посочи дека во рамките на Министерството е формирана комисија составена од членови на Синдикатот и на МО која ќе ја следи примената на Законот и на донесениот Колективен договор.
„Статусот на вработените го подобруваме и преку зголемениот пензиски стаж како и заминувањето во пензија со 80 отсто од десетте најповолни години од пензискиот стаж“,
рече Петровска говорејќи за придобивките од новиот Закон за вработените во одбраната.
Претседателот на репрезентативниот синдикат – Независниот синдикат на одбраната, Ванчо Исајов, се заблагодари за донесувањето на Законот и на Колективниот договор, кои, рече, ќе го подобрат социјалниот статус на вработените во одбраната.
„Со овие два клучни документи се донесени и решенија за многу битни прашања за вработените во Министерството за одбрана и во Армијата“,
рече Исајов.
Тој упати порака да не се шират шпекулации за имплементацијата на Законот и на Колективниот договор, бидејќи во предвид треба да се земе Изборниот законик, посочувајќи дека одредбите од двете решенија се во сила и дел од нив одложено ќе се применуваат.
Во моментов, единствено што не може да се применува од новиот Закон се одредени членови кои се однесуваат на вонредни исплати кон вработените. Надоместоците тие ќе ги добијат ретроактивно по завршување на изборниот процес.
