„Со секојдневните негови изјави, Филипче се повеќе тоне, на и така нискиот рејтинг од само три отсто кој е понизок од партискиот, и него веќе никој не го слуша додека секојдневно зборува за евроинтегративниот процес на државата, а всушност е загрижен само за неговата партиска фотелја“, се вели во соопштението од партијата на власт
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска упати критики кон лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, обвинувајќи го дека користи ист речник како официјална Софија и дека ги поддржува бугарските барања.

Од партијата велат дека Филипче тргнал по стапките на поранешниот премиер Зоран Заев, и дека нивните политики се насочени кон отстапки кои не се во интерес на државата.
„Веќе нема дилеми, Венко Филипче тргнал по стапките на Зоран Заев. Заев – послушник на Борисов, Филипче – пиун на Радев, кој, освен што го прифаќа, е и главен лобист за прифаќање на бугарскиот ултиматум. Изгубени во својата безидејност и тонењето на политичката сцена, нервозниот Венко Филипче и СДС наместо да ги бранат македонските интереси, тие се ставија во служба на бугарските и користи ист речник како официјална Софија“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму додаваат и дека Филипче ги поддржува ставовите на бугарски политички фактори и дека се залага за исполнување на нивните барања, што е спротивно на интересите на граѓаните.
„Не почека ни еден ден по доаѓањето на новата власт во Бугарија, Филипче веднаш се стави на располагање на Румен Радев и директно изјави дека, доколку тој биде на власт, ќе го исполни секое едно барање на Бугарија. Додека народот е против, Филипче најгласно се залага за спроведувањето на бугарските барања. Вака отворено против граѓаните може да излезе само уценет политичар кој е заглавен во криминал“,
велат од партијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Филипче треба да одговори пред јавноста за неговите политички ставови и дејствувања во однос на евроинтегративниот процес и односите со Бугарија, како и со што е уценет за да води антимакедонска политика.
„Нема човек во државата на кој не му е јасно дека Венко Филипче е корумпиран политичар, полн со криминали, афери и скандали и затоа е должен да ѝ одговори на македонската јавност, со што точно е уценет од група бугарски политичари за да води антимакедонска политика?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата дополнително обвинуваат дека Филипче ги следи политиките на поранешниот премиер Зоран Заев и дека, според нив, тие политики биле насочени кон отстапки под надворешни влијанија.
„Додека ја чува фотелјата во СДС, подарена од неговиот ментор Зоран Заев, јасно и гласно Филипче ги промовира и следи неговите политики на удоволување на секој еден од надвор, освен на Македонија и македонскиот народ“,
се додава во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека со неговите изјави Венко Филипче сè повеќе ја губи поддршката и дека неговиот политички рејтинг е низок.
„Со секојдневните негови изјави, Филипче се повеќе тоне, на и така нискиот рејтинг од само три отсто кој е понизок од партискиот, и него веќе никој не го слуша додека секојдневно зборува за евроинтегративниот процес на државата, а всушност е загрижен само за неговата партиска фотелја“,
посочуваат од партијата.
Според партијата на власт, јавноста има јасен став за политиките на СДСМ и нивните претставници, особено во однос на евроинтегративниот процес и односите со Бугарија.
„Тоа што е добро, што македонскиот народ веќе знае со кој си има работа и доверба на ликови како Заев и Филипче, кои за власт се спремни на прифаќање на разни ултиматуми, услови и отстапки кои задираат во националниот идентитет, веќе не дава“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата сметаат и дека граѓаните нема да поддржат политики кои вклучуваат отстапки поврзани со националните интереси, и најавуваат дека тоа ќе се одрази на идните изборни резултати.
„Лекциите од минатото се научени, такви антидржавни политики кои ги промовираат и спроведуваат СДС, Заев и Филипче граѓаните ги не поддржуваат и со сигурност на следните избори ќе ги отстранат од политичката сцена, по што ќе бидат запишани на темните станици од историјата како најголемите предавници на македонските национални интереси“,
додаваат од партијата.
Филипче на вчерашната прес-конференција ја обвини Владата дека ја манипулира јавноста во однос на евроинтегративниот процес и односите со Бугарија, посочувајќи дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски првично ја премолчел средбата со министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова.
Ја цитираше пораката на бугарската министерка дека прашањето за внесување на малцинствата во Уставот не е билатерално, туку европско прашање, додавајќи дека тоа, според него, потврдува оти условот е дел од европската рамка за преговори.
„Ќе цитирам: ‘Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година повеќе не е билатерално прашање, туку прашање меѓу Европската Унија и земјата кандидат. Овој прозорец за проширување може да се отвори во наредните години и, ако тие не го искористат, навистина може да изгубат.‘ Што значи ова? Бугарија потврдува дека прашањето за малцинствата во Уставот не е бугарско, туку европско. Тоа е услов на Европската Унија, а не на Бугарија. Европско, а не билатерално прашање“,
рече Филипче.
Тој на прес-конференцијата рече дека поддржува спроведување на уставните измени, но нагласи дека прашањата поврзани со македонскиот идентитет и јазик не смеат да бидат дел од преговарачкиот процес со Европската Унија. Посочи дека ваквата позиција може дополнително да се формализира преку резолуција, со цел да се заштитат државните и националните позиции во процесот на евроинтеграции.
