Премиерот Зоран Заев апелираше до судовите, притворот да се користи само како крајна мерка. Тој вели дека не сака да наликува на претходниот режим кој директно се мешаше во работата на судовите, па тоа нема да го стори ниту за Миле Јанакиески, кој според информациите кои ги објавуваат опозициски медиуми, веќе десет дена штрајкува со глад во затворот во Шутка.
„Миле Јанакиевски има три деца, јас имам две деца и навистина не ми е сеедно, но тоа не ми дава за право да го менувам правниот систем, да влијам врз него и да вршам притисоци. Никој не е виновен додека не му се докаже вината а притворот не смее да биде казна. Јас сум тој што го отвори помирувањето, со притворите, нема помирување, ако сакаме искрено помирување“.
изјави премиерот Заев.
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески е во притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци откако му беше поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба при продажба на државно земјиште за „Шпанските скали“ и за изградба на хотели на кејот на Вардар во Скопје.