Џафери потврдува дека ќе го стави во процедура и на дневен ред предлогот на ВМРО-ДПМНЕ – „последната“ седница на овој собраниски состав да се одржи в среда, следната седмица. За главната владејачка партија, пак, овој предлог е обичен блеф на опозицијата
На 12 февруари ќе се одржи седница на парламентот на која пратениците ќе се изјаснат за предлогот што вчера го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а кој предвидува тој ден да се распушти парламентот.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во емисијата „Патот кон“ на „Алсат“ потврди дека ќе го стави во процедура и на дневен ред предлогот на опозициската пратеничка група.
„Тој предлог е легитимен и, независно од кого доаѓа, јас сум обврзан да го ставам во процедура и на гласање. Секој пратеник има право да поднесе предлог до Собранието. Со оглед на тоа што засега нема друг предлог, точката за распуштање на парламентот, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде на дневен ред на 12 овој месец“ ,
вели Џафери.

За тоа дали е можно одлуката да се донесе без главната владејачка партија – СДСМ, Џафери објаснува дека Уставот предвидува минимум 61 глас за распуштање на парламентот, по што изборите треба да се одржат во рок од 60 дена. Притоа, вели, Уставот и законите не кажуваат од која партија треба да се обезбедат 61 глас, туку дека станува збор за индивидуална одлука на секој од 120 пратеници. Од резултатот од гласањето, пак, зависи дали парламентот ќе се самораспушти.
На прашање зошто брза да ги испочитува максималниот рок од 60 дена од распуштањето на Собранието до одржувањето на изборите, Џафери, во емисијата на „Алсат“, посочи дека, почнувајќи од претходните избори во 2016 година, има нова реалност во државата, со оглед на воведувањето на т.н. пржинска влада, која е со ограничен мандат, поврзан со денот на одржување на изборите. Односно владата се формира 100 дена пред датумот определен за гласање за нови пратеници.
Според најавите, доколку во меѓувреме се наметне потреба да се донесат одредени закони, отворена е и опцијата седницата за распуштањето да почне доцна вечерта, макар и во 23 часот, на 12 февруари и да заврши со гласање до полноќ.
ВМРО-ДПМНЕ вчера депонираше во собраниската архива предлог според кој овој состав на законодавниот дом би се распуштил в среда, следната седмица. За разлика од помалите партии од албанскиот блок, кои изразија подготвеност да гласаат „за“ предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на политичкиот консензус за вонредни избори на 12 април, од СДСМ и денеска не излегуваат со конкретен став. Велат дека своите позиции во однос на предлогот што го поднесе опозицијата ќе ги изградат во зависност од тоа како во наредните денови ќе тече постапката за законот за јавно обвинителство и за неколку други „итни“ регулативи, меѓу кои се и измените на Изборниот законик, согласно со препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Во СДСМ не го проблематизираат датумот за одржување на изборите. Велат дека ќе има избори на 12 април, како што беше и договорено на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски. Сепак, сметаат дека пред распуштањето треба да се донесат неколку приоритетни закони, што Собранието не успеа да ги донесе досега затоа што не можеше да се обезбеди консензус со ВМРО-ДПМНЕ. За опозицискиот предлог за распуштање на парламентот в среда, пак, сметаат дека е обичен блеф.

„Избори на 12 април ќе има и од тоа ВМРО-ДПМНЕ не може да избега. Тоа нивно вчерашно блефирање е со единствена цел да спречат некои процеси во државата. Не на 12 февруари, тие ако можеа ќе го распуштеа Собранието уште пред една недела само да не влезе во процедура законот за јавно обвинителство или да не се даде шанса за уште неколку други закони кои се од интерес на граѓаните“,
изјави денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.
Тој посочи дека денеска и во претходните неколку дена не се закажуваат седници на Комисијата за труд и социјална политика (чиј претседател е Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ), само за, како што рече, да се спречи исплаќањето на зголемената плата на професорите на универзитетите.
„Избори на 12 април ќе има, а дали Собранието ќе се распушти на 12 февруари зависи од тоа во каков одмор ќе влезе ВМРО-ДПМНЕ во однос на законот за јавно обвинителство и за сите овие други закони. Секако, сите уставни и законски рокови ќе бидат испочитувани. ВМРО-ДПМНЕ од избори на 12 април нема шанси да избега“,
рече Митрески
Тој објасни дека на измените на Изборниот законик работат групи од сите поголеми политички партии и чекаат усогласување од нив, зашто, како што рече, тој предлог-закон треба да дојде како усогласен текст за да биде изгласан пред распуштање на Собранието. За консултациите за законот за јавно овинителство, Митрески информира дека претставници на пратенички групи имаат работни средби со претставници на Министерството за правда како предлагачи на тој закон.
„Единствено ВМРО-ДПМНЕ не влезе со свои предлози зашто не сака да се донесе законот. Јас верувам и се надевам дека таков компромис ќе се постигне со другите пратенички групи и ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за носење на овој закон“,
рече Митрески