На гласањето му претходеше повеќечасовна расправа во Собранието. Додека пратениците од владејачкото мнозинство ја оценија интерпелацијата за беспредметна, неоснована и неиздржана, опозиционерите порачаа дека со интерпелацијата се бара политичка одговорност и оставка на министерот Цветан Трипуновски поради лагите, скандалите и катастрофалните резултати во земјоделството
Со 62 гласа „против“, 21 „за“ и ниту еден „воздржан“, пратениците вечерва ја отфрлија интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Интерпелацијата ја поднесе пратеничката група на СДСМ, поради, како што оценија од опозициската партија, катастрофалните резултати на министерот, намалените субвенции, неисполнетите ветувања, падот на откупните цени, блокираните европски средства, коруптивните скандали и огромното незадоволство кај земјоделците. Со интерпелацијата се бараше политичка одговорност и оставка од Трипуновски.
На гласањето му претходеше повеќечасовна расправа во Собранието.
Владејачкото мнозинство ја оцени интерпелацијата за беспредметна, неоснована и неиздржана, нарекувајќи ја политички маневар за дефокус на јавноста од вистинската одговорност за долговите и пустошот што во Министерството за земјоделство го оставил ексминистерот Љупчо Николовски од СДСМ.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа во одбрана на актуелниот министер Цветан Трипуновски, оценувајќи дека покажал како се работи одговорно, домаќински и транспарентно. Според нив, интерпелацијата е признание за успехот на Трипуновски бидејќи, како што велат, на опозицијата ѝ пречи што неговата работа има резултати.
Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник на СДСМ, Љупчо Николовски, рече дека Трипуновски ќе остане запамтен како најнеспособниот министер за земјоделство во историјата. Обвини за намалени и неисплатени субвенции, пад на откупот од малите земјоделци за 46 отсто и ниски откупни цени, укинување на цели програми за поддршка на микропроизводителите, како и блокада на ИПАРД-програмата поради корупција.
Пратениците од СДСМ порачаа дека со интерпелацијата се бара политичка одговорност и оставка на министерот Трипуновски поради лагите, скандалите и катастрофалните резултати во земјоделството.
На ова се надоврза и пратениците на опозициската Левица, кои оценија дека македонското земјоделство се соочува со сериозен пад на производството и дека актуелните политики не даваат резултати. Според Левица, државата нема долгорочна визија за развој на земјоделството, ниту ги користи механизмите што во минатото обезбедувале стабилност на производството и приходите на земјоделците.
