Николовски, кој и ја образложи интерпелацијата, во своето обраќање и нападите кон Трипуновски обвини дека за време на министерувањето на неговиот наследник на функцијата, иако претходно биле ветувани повеќе, земјоделците добиле помалку субвенции, а голем дел воопшто и не биле исплатени
Ексминистерот наведе и дека професионалци со долгогодишно искуство биле деградирани, преместувани и изложени на притисоци за време на мандатот на Трипуновски, а, како што додаде, постојат многубројни реакции за судски постапки, како и за мобинг над професионалните служби
Трипуновски, од своја страна, од собраниската говорница го обвини Николовски дека неговото време како министер за земјоделство ќе биде запомнато по криминалот, кој, како што рече, цветал
Ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и пратеник од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски, и актуелниот носител на оваа функција, Цветан Трипуновски, чие отповикување го бараат социјалдемократите денеска, од собраниската говорница ги спротивставија аргументите.

Упатувајќи си жестоки критики, двајцата говореа за поранешните и за актуелните состојби во земјоделството и за тоа што било, а што не било, а требало да биде направено.
Интерпелацијата за Трипуновски ја поднесе токму СДСМ поради, како што наведоа, катастрофалната состојба во земјоделството во изминатите две години колку што извршната власт ја води владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
Во интерпелацијата за министерот за земјоделство се посочува дека се поднесува поради сериозни сомнежи за системска корупција во ресорот, потврдена со апсења високи функционери за примање мито и директно загрозување на јавниот интерес, но и, како што се посочува, поради суспензијата на ИПАРД 3-програмата. Опозициските пратеници во интерпелацијата посочуваат и дека донесените мерки и политики покажале ризик од селективна и нетранспарентна распределба на јавните средства, кои одат директно на штета на земјоделците.
Намалени и неисплатени субвеници
Николовски, кој и ја образложи интерпелацијата, во своето обраќање и нападите кон Трипуновски обвини дека за време на министерувањето на неговиот наследник на функцијата, иако претходно биле ветувани повеќе, земјоделците добиле помалку субвенции.
Пратеникот на СДСМ посочи и дека откако е Трипуновски министер, субвенициите за земјоделците не само што се намалени, туку и не се исплатени.
„Ветувавте повеќе субвенции, а земјоделците добија помалку. Ги лажевте земјоделците дека субвенциите ќе бидат исплатени во март, па во април, па во мај. Денес сме 10 јуни, а многу земјоделци сè уште немаат добиено ниту денар на своите сметки. Субвенциите за овци доцнат 10 месеци. Владата удри по земјоделците. Владата ги скрати субвенциите за тутунот и предизвика гнев кај тутунарите. До каде се премиите за тутунот? До каде се субвенциите коишто треба да ги исплатите за 2025 година? За сточарите, за градинопроизводителите, за сè она што не е исплатено. Министре Трипуновски, кога ќе ги исплатите и субвенциите за говедата коишто ги скративте? Чувствувате ли потреба за реализирање на исплата кон оваа категорија на земјоделци коишто се неисплатени, имаат и намалена цена на млекото за 10 денари“,
рече Николовски.
Тој додаде и дека ВМРО-ДПМНЕ ги излажало земјоделците и за две години ја скрати финансиската поддршка за земјоделството, притоа посочувајќи дека во изборната програма владејачката партија ветувала 180 милиони евра годишно финансиска поддршка за земјоделците, но податоците покажуваат дека 120 милиони евра е поддршката во овие две години.
Николовски посочи и дека попрвпат се случи Владата со ребаланс на буџетот да скрати од поддршката за земјоделците.
„Конкретно, за програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и интервентниот фонд, вкупниот буџет во 2025 година е 124 милиони евра. За првпат со ребаланс на буџетот скративте на субвенции. Кога веќе ги лажевте земјоделците со некаква зголемена поддршка, а истата е помала од било кога претходно, бидете искрени барем до крај и кажете им на земјоделските производители дека ги задолживте идните генерации со 2,5 милијарди евра и тоа е единствената работа којашто ја направивте. Меѓутоа кажете им на земјоделците дека за нив нема пари и да се снаоѓаат како знаат и умеат“,
рече Николовски.
Притоа, Николовски посочи дека во секоја гранка во земјоделството има кратење на субвенциите и доцнење со исплата.

„Пишувате во програмата за некакво покачување на субвенциите за сточарството од 50 отсто. Да не мислевте намалување за 50 отсто. Првата работа што ја направивте, покрај еден милион евра за големите, што е најкоруптивната мерка, е намалувањето на субвенциите за говедата од 12 000 на 8 000 денари. Па им правевте математика на земјоделците како со еден денар плус ќе добијат повеќе. Субвенциите ем се неисплатени, ем се намалени. Никаде во програмата не кажавте дека ќе го укинете субвенционирањето на ситниот ориз“,
рече Николовски.
Скандали со ИПАРД-програмата
Во обраќањето, Николовски нагласи дека Трипуновски наместо да ги заштити малите земјоделци, ги намалува нивните можности за субвенции, а за сметка на тоа ги концентрира субвенциите кај мал број привилегирани корисници.
Ексминистерот наведе и дека професионалци со долгогодишно искуство биле деградирани, преместувани и изложени на притисоци за време на мандатот на Трипуновски, а, како што додаде, постојат многубројни реакции за судски постапки, како и за мобинг над професионалните служби.
„Во исто време, нефункционирањето на електронските системи и рачното архивирање на документацијата при одредени повици е предмет на сериозна дебата, но и прашање на одговори во наредниот период. Вие ветувавте повеќе субвенции, земјоделците добија помалку; ветувавте сигурен откуп, земјоделците добија пониски цени; ветувавте нови инвестиции, земјоделците добија блокиран ИПАРД. Ова претставува сериозен удар врз довербата во европските фондови и врз кредибилитетот на институцијата, кој е граден и во кој сме биле лидери последните години, потврдено со официјален документ на Европската комисија. Кога земјоделците протестираат за субвенции, кога сточарите ги затвораат фармите, кога лозарите, оризопроизводителите, градинарите и сите други бараат заштита од државата, тогаш проблемот не е кај земјоделците“,
рече Николовски.
Трипуновски, од своја страна, од собраниската говорница го обвини Николовски дека неговото време како министер за земјоделство ќе биде запомнето по криминалот, кој, како што рече, цветал.
За тоа, како што кажа, се поднесени и кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување.
Актуелниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, потсети и дека во 2022 и 2023 година Министерството објавило и спровело јавен повик за финансиска поддршка на микропроизводители на вино, во рамките на која биле распределени над 100 милиони денари, но во постапката била заобиколена Агенцијата која е надлежна да спроведе ваков повик.
„Поднесена е кривична пријава поради тоа што Mинистерството иако го раскинало договорот за закуп не доставило примерок до Агенција за Катастар на недвижности за бришење на правото на сопственост. Заради непостапување и недоволна координација со АФПЗРР и по раскинувањето на договорот продолжила исплатата на финансиска поддршка, при што во периодот од 2021 до 2023 година на закупецот му биле исплатени над 19 милиони денари“,
додаде министерот Трипуновски.
Трипуновски го обвинува својот претходник за криминал
Тој се осврна и на друг случај за кој актуелната власт го обвинува Николовски, а тоа е дека во периодот од 2019 до 2023 година, додека тој раководел со ресорното Министерството, биле склучени 19 договори за закуп на државно земјоделско земјиште со правно лице, со вкупна површина од над 1 400 хектари.
„Дополнително, закупецот имал обврска да инвестира над 2,5 милиони евра, но реализирал помалку. Дел од земјиштето било користено од трети лица без правен основ, што укажува на несовесно управување со закупениот имот“,
рече Трипуновски.

Трипуновски рече и дека имаат индиции оти Николовски како тогашен министер за земјоделство незаконски унапредил административен службеник на повисоко ниво без спроведување законска постапка, односно без согласност од Министерството за финансии и без обезбедени финансиски средства.
„Не постоеше гранка во која не се чувствуваа последиците од вашите погрешни политики, но со посветена работа успеавме да ги санираме штетите коишто вие ги оставивте“,
рече актуелниот министер за земјоделство, за чија интерпелација расправаат пратениците во законодавниот дом.
Како што информираат собранските служби, за збор се пријавија 32 пратеници, што значи дека гласањето по интерпелацијата би можело да биде во доцните попладневни часови.
Инаку, Трипуновски во своето обраќање кажа дека кога ја презел функцијата, затекнал хаотична состојба, нерешени предмети, хаос во институциите, наталожени проблеми, неисплатени плати во јавните претпријатија, неисплатени субвеници и, како што наведе, чувство дека Министерството служело за политичка пропаганда наместо за реална поддршка во земјоделството.
„Сакате факти за вашето неработење, тука говори и кредитот од Светска Банка земен во 2019-та година во износ од 46 милиони евра. Затекнавме многу слаба реализација во активностите за проектот, беше помалку 10 проценти, а сите активности на проектот требаше да бидат завршени во јуни 2025 година“,
рече тој.
Во делот на ИПАРД-програмата, која беше актуелна во изминатиот период, Трипуновски обвини дека претходните влади на СДСМ, во периодот 2017-2024 година немале акредитирано ниту една нова мерка, туку работеле со мерките акредитирани во 2009 и 2015 година.
„Би сакал да ве потсетам дека Колективниот договор за вработените во министерството кој беше склучен во февруари 2021 година, со повторното доаѓање на Николовски за министер, истиот во почетокот на ноември 2022 година беше укинат. За првпат во историјата на Македонија беше укинат колективен договор“,
рече министерот.
