Со предложените измени се предвидува казината и објектите за игри на среќа да не можат да бидат лоцирани на растојание помало од 500 метри од основните и средните училишта
Законот воведува и забрана за рекламирање на излозите на објектите во кои се приредуваат игри на среќа, како и забрана за реклами со кои коцкањето се претставува како начин за постигнување личен успех или финансиска добивка
Собранието вечерва со 59 гласа „за“ и девет „против“ го поддржа Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, со кој се предвидуваат построги правила за работењето на приредувачите на игри на среќа и засилени мерки за заштита на граѓаните, соопшти на Фејсбук пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Со предложените измени се предвидува казината и објектите за игри на среќа да не можат да бидат лоцирани на растојание помало од 500 метри од основните и средните училишта.
Законот воведува и забрана за рекламирање на излозите на објектите во кои се приредуваат игри на среќа, како и забрана за реклами со кои коцкањето се претставува како начин за постигнување личен успех или финансиска добивка.

Една од новините е и обврската секој апарат за игри на среќа да биде опремен со систем за геолокација (ГПС), што ќе овозможи тековна контрола од страна на Управата за јавни приходи.
Со законското решение се предвидува и лиценците да не можат да се мултиплицираат, како и воведување нови финансиски давачки за отворање уплатно-исплатни места.
Дополнително, се зголемуваат износите на банкарските гаранции што треба да ги обезбедат приредувачите на игри на среќа, а се имплементираат и препораките на MONEYVAL при Советот на Европа, со цел зајакнување на механизмите за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Предлог-законот е дел од најавените реформи за построга регулација на секторот на игрите на среќа и за зголемување на контролата врз неговото работење.
Владата минатиот месец го утврди новиот усогласен текст на предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, кој предвидува строги ограничувања за нивното рекламирање.
