Тој и неговите адвокати во своите излагања пред Апелацискиот суд во Скопје изнесоа низа забелешки на првостепената пресуда. Од своја страна тие посочија на повеќе повредени права во текот на првостепената постапка и неправилно толкување докази поради кои сметаат дека пресудата на Основниот кривичен суд Скопје треба да се укине
Вишиот јавен обвинител Бурим Рустеми на денешната јавна седница во Апелација предложи на обвинетата Јасна Ерцеговиќ да ѝ биде прифатена жалбата за делото измама, но не и за перење пари. За преостанатите обвинети Рустеми предложи судот да им ги одбие жалбите, а на Фросина Ременски да ѝ биде потврдена првостепената ослободителна пресуда
Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13, и неговите бранители на денешната јавна седница побараа Апелацискиот суд да ја укине првостепената пресуда со која тој во случајот е осуден на деветгодишна затворска казна.

Тој побара фер судење во кое ќе може да ја докаже својата невиност, но доколку така одлучи Апелација, ќе биде задоволен и со мериторна ослободителна пресуда на второстепениот суд, пренесува ТВ Телма.
„Согласен сум со образложението на моите бранители. Единствено што барам е да имам можност за фер судење пред непристрасен суд каде што на фер начин ќе може да се докаже мојата невиност“,
рече Јовановски.
Тој и неговите адвокати во своите излагања пред Судот изнесоа низа забелешки на првостепената пресуда. Од своја страна тие посочија на повеќе повредени права во текот на првостепената постапка и неправилно толкување докази поради кои сметаат дека пресудата на Основниот кривичен суд Скопје треба да се укине.
Меѓу забелешките беше и таа дека една од судијките во предметот не била изземена и покрај тоа што сама барала, затоа што имала оформено мислење за Боки 13 од предметот „Рекет“, каде што, исто така, била дел од судечкиот совет.
„И сѐ да е во ред со оваа пресуда, не може да се занемари фактот што судијата кој побарал да биде изземен од судењето во првостепениот суд, бидејќи учествувал во судечкиот совет во случајот ‘Рекет’, кој исто така се однесува на обвинетиот Бојан Јовановски, но не го изземале и продолжил да постапува по предметот“,
рече адвокатот Сашко Дуковски, пренесува МИА.
Одбраната ги уверуваше судиите и дека бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски не биле оштетени.
„Самите оштетени кажаа дека не се чувствуваат за измамени на главна расправа пред Кривичен суд. Не се оштетени, бидејќи немало умисла да бидат измамени или некој пак ги одржувал во заблуда. Пред сè, зборувам за мене, бидејќи целиот товар се става на мој грб. Целата постапка се водеше на нефер начин. Барам правда, не милост. Бев предвремено осуден, бидејќи во многу наврати и на многу рочишта беше истакнато од судијката дека нејзините одлуки ќе можеме да ги обжалиме пред повисоките судови. Тоа денес се случи. Беше прејудицирана таква пресуда и се знаеше тоа од првиот момент. Се надевам дека правдата ќе биде задоволена, а пред непристрасен суд да ја докажам мојата невиност“,
пренесува ТВ Телма дел од изјавата на обвинетиот Бојан Јовановски.

Ослободителна пресуда побара и бранителот на обвинетата Јасна Ерцеговиќ, Стеван Павлевски, според кого нема елементи за кривично дело измама.
Ниту сум измамник ниту сум перела пари, рече пред судиите обвинетата Јасна Ерцеговиќ, која со првостепената пресуда доби четири години затвор.
За неа, вишиот обвинител Бурим Рустеми на денешната јавна седница предложи да ѝ биде прифатена жалбата само за делото измама, не и за перење пари.
За преостанатите обвинети Рустеми предложи судот да им ги одбие жалбите, а на Фросина Ременски да ѝ се потврди ослободителната пресуда. Тој тврдеше и дека аргументите на одбраната не важат и дека бизнисмените се оштетени, затоа што уплатиле парични средства, а за судијката од Кривичен рече дека не требало да биде изземена. На јавната седница беше присутна и обвинетата асистентка на Боки 13, Христина Блажевска, која доби една година затвор, но не и неговиот татко кој беше осуден условно.
Бојан Јовановски на затворска казна од девет години правосилно е осуден и во случајот „Рекет“, но неодамна скопскиот Основен кривичен суд на барање на неговите адвокати донесе одлука за прекин на издржувањето на казната поради неговата лоша здравствена состојба.
Тој пред неколку месеци беше хоспитализиран на Клиниката по хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје поради хируршка интервенција – тотална гастректомија, односно целосно отстранување на желудникот.
Јовановски пред почетокот на седницата во Апелацискиот суд изјави дека му била констатирана интестинална метаплазија на желудник и на дел од тенките црева, состојба поради која, како што рече, не е во состојба да ја издржува казната во затвор.
„Со оваа здравствена состојба не бев и не сум во состојба да бидам во затворот каде ја издржував казната на која бев правосилно осуден и поради тоа сум пуштен на домашно лекување ,односно на прекин на издржување казната затвор. Со себе носам цела терапија за да функционирам, покрај тоа што имам сериозен хигиено-диететски режим кој изискува посебна храна за да функционирам. Имам проблеми од органски карактер“,
изјави обвинетиот Јовановски.
Судскиот процес за случајот „Меѓународен сојуз“ траеше нешто помалку од две години. Имено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) обвинението го поднесе на 3 јануари 2020 година, на 12 мај истата година тоа беше одобрено од судот, а судскиот процес почна во јули 2020 година. Судењето заврши на 7 април минатата година со изречени три затворски, една условна и една ослободителна пресуда.
Првообвинетиот Јовановски со првостепената пресуда беше осуден на по пет години за двете кривични дела измама и перење пари, кои судот му ги пресмета во единствена казна од девет години. Јасна Ерцеговиќ доби по две и пол години за помагање во двете дела и беше осудена на единствена затворска казна од четири години. Христина Блажевска беше осудена на една година затвор, но само за делото помагање во делото перење пари, додека за делото измама таа доби ослободителна пресуда.
Во случајот беше опфатен и таткото на Боки 13, Миле Јовановски, кој беше осуден на две години условна казна која нема да се изврши доколку во рок од пет години не стори ново кривични дело. Поранешната висока функционерка на СДСМ и пратеничка, Фросина Ременск, која исто така се гонеше во случајот под обвинение за помагање во кривичното дело измама, доби ослободителна пресуда.
Обвинителството ги товареше обвинетите дека под превезот на невладината организација „Меѓународен сојуз“ двајцата бизнисмени Силјан Мицевски од градежната компанија „Пелистер“ и Ардијан Амзоски од „Дрим билдинг“ биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси и дале речиси еден милион евра – Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евро.
Јовановски и на почетокот и на крајот од судскиот процес ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека немало ниту намера, ниту мотив, ниту идеја да бидат доведени во заблуда двете компании со кои потпишале договори и се повика и на сведочењата на бизнисмените кои рекле дека веруваат во проектот.
Со првостепената пресуда за виновен како правно лице беше прогласен и Меѓународниот сојуз и беше задолжен да плати еден милион денари.