Овие снимки од автопатот Демир Капија – Смоквица медиумите ги добија минатиот месец како дел од маркетинг-кампањата на грчки „Актор“ за тоа до каде е изградбата на 28-те километри за кои ќе бидат платени 270 милиони евра.. Но, допадливите снимки не можат да го покријат фактот дека целиот проект е сомнителен во секоја фаза, од самиот почеток..
Од 15 изведувачи пријавени во 2011-тата „Актор“ беше избран во, најмала рака, проблематичен процес.. Беа променети условите за избор на најповолен понудувач и со тоа беше елиминирана понуда на италијанска компанија далеку поефтина од онаа на грчки „Актор“..
– Чудно беше кога владата на Груевски ја избра грчката компанија „Актор“ иако од една италијанска компанија имаше пониска понуда за 40 милиони евра. Второ, чудно беше зошто за автопат од 28 километри потребни се 271 милион евра, по 10 милиони евра за 1 километар автопат – изјави на прес конференција во март 2014, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Уште поексплицитни беа од Организацијата за економска сорабтока и развој – ОЕЦД, од каде во антикорупцискиот извештај за Грција посочуваат наводи за мито на грчка градежна компнија за македонски владини претставници за добивање договор за изградба на автопатска делница.
Случајот се реактуелизира во 2014-тата, непосредно пред парламентарните избори. Тогашната опозиција обелоденува нов скандал поврзан со истата автопатска делница – грчки државјани извлекувале кеш пари и и ги предавале на сметководителката на „Актор“..
– Овие документи покажуваат дека од иста банка – Стопанска банка-Скопје, подружница Неготино, повеќе лица од Грција преку „Актор“ повлекле милиони евра. Пример, 10 април 2013, десет грчки државјани подигнале 12 милиони денари во кеш, и тоа во еден ден. Со тие пари тие исти лица купиле евра, повеќе од 200.000 евра. Во изминатите десет месеци секој месец во ист ден се правени вакви извлекувања. Управата за финансиско разузнавање била информирана од страна на банката – изјави на прес конференција во март 2014, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
По овој прес Управата за финансиско разунавање соопшти дека „навремено, уредно и во согласност со ингеренциите ги презела сите мерки, активности и процедури“. Од управата тогаш информираа дека предмет бил отворен неколку месеци претходно на 11-ти ноември 2013-тата. Но, она што не кажа откако опозицијата го обелодени скандалот е дека и во наредниот период продолжило повлекувањето на пари, но во побројни трансакции и за помали суми кои поминуваат под радарот на Управата за финансико разузнавање.
Паралелно со незаинтересираноста на институции, проектот за кој има сериозни индиции за криминал, тогашната владејачка гарнитура го користи во промотивни и предизборни цели..
Грчки медиуми вчера објавија дека грчкото обвинителство за борба против корупција поднесе обвинение против „Актор“ за перење пари и проневера на 50 милиони евра, по претходна истрага во која учествуваше и Европската служба за борба против измами (ОЛАФ). „Финасиската бомба“ во Грција во земјава ги возбуди само медиумите, иако шемата покажува дека незаконитостите се правеле токму во Македонија.. Надлежните институции излегоа со соопштенија кои сугерираат дека ситуацијата во Македонија е чиста.. „Во Македонија досега не е детектирано кривично дело.. Во нашата држава и ОЛАФ спроведуваше проверки и не се утврдени инкриминирани дејства“ – изјавија од Финансиската полиција. Од Јавното обвнителство потврдија дека ОЛАФ ги информирал дека истрагата за „Актор“ е затворена и дека има сомневања за сторени кривични дела, истовремено тврдејќи дека резултатите се пратени само во Грција, но не и во Македонија.