Демонстрациите, кои освен во Париз се случуваат и во Лион, Марсеј и уште неколку други града во Франција, се со сè поизразено насилство и судири со полицијата. Демонстрантите вчера палеа автомобили, згради и угостителски објекти, а други ја користеа можноста да ограбат и да вандализираат голем број продавници и бизниси низ цела Франција – од пекарници и супермаркети до продавници за технологија, спортска и луксузна облека
Франција закрепнува од синоќешните протести, кои се сметаат за едни од најнасилните во последниве години.

Демонстрациите, кои освен во Париз се случуваат и во Лион, Марсеј и уште неколку други градови во Франција, се со сè поизразено насилство и судири со полицијата. Демонстрантите вчера палеа автомобили, згради и угостителски објекти, а други ја користеа можноста да ограбат и вандализираат голем број продавници и бизниси низ цела Франција – од пекарници и супермаркети до продавници за технологија, спортска и луксузна облека.

Во Париз доцна синоќа полицијата употреби солзавец и водени топови против толпите. Според организаторите на протестите, на улиците низ Франција вчера излегле повеќе од 800 000 демонстранти. Во вчерашните немири уапсени се 1 800 луѓе. Само во Париз се приведени рекордни 855 лица.

„Протестот е основно право. Предизвикувањето неред преку насилство и на организиран начин – не е. Републиката нема да попушти пред оние што се обидуваат да наметнат неред и насилство. Нападите врз нашите безбедносни сили, нашите институции, оштетувањето на јавните објекти, упадите во префектурите или градските управи, како и ограбувањето на деловни објекти – ништо од ова не може да се оправда. Досега се приведени 1 800 лица, а во тек се истраги за идентификување на сторителите“,
објави денеска министерот за внатрешни работи на Франција, Лоран Нуњез.

Во насилните инциденти се повредени повеќе од 500 полицајци, жандарми и пожарникари, а засега не е познат бројот на повредени демостранти. Предизвикана е и значителна материјална штета.
„Цели улици во Париз се уништени. Градот е погоден од невидено насилство“,
изјави градоначалникот на француската метропола, Емануел Грегоар.
Градоначалниците на трите најголеми градови – Париз, Марсеј и Лион побараа средба со премиерот Себастијан Лекорну за да разговараат за последиците од немирите и одговорот на државата.
Властите чекаат да видат дали протестите ќе продолжат уште еден ден.
Протестите почнаа минатиот месец во средните училишта во сиромашните предградија на Париз, каде што незадоволството поради недостигот од наставници и дотраените училишни објекти брзо се претвори во национално движење против нееднаквоста и падот на стандардот.
