До 9 часот утринава во Брвеница гласале вкупно 400 избирачи. Според податоците на ДИК, излезеноста сега е намалена за 2,87 отсто во споредба со онаа во првиот круг од редовните локални избори во 2025 година. Тогаш до 9 часот гласале 860 гласачи, или 5,33 отсто од вкупниот број запишани избирачи во Избирачкиот список
Гласањето во Општина Брвеница тече непречено и без најави за евентуални проблеми – изјави портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК), Радица Тодоровска-Алексовска, на денешната прва од низата прес-конференции на кои ќе се известува за текот на предвремените избори за градоначалник во оваа општина.

Според пресекот во 9 часот, излезеноста на гласачите е 2,46 отсто, односно гласале вкупно 400 избирачи. Споредено со првиот круг од редовните локални избори во 2025 година, излезноста е намалена за 2,87 отсто. Тогаш до 9 часот гласале 860 гласачи, или 5,33 отсто од вкупниот број запишани избирачи во Избирачкиот список.
„Гласањето утрово започна во 7 часот и засега тече непречено, без најави за евентуални проблеми. На овие избори право на глас имаат вкупно 16 256 гласачи, кои ќе гласаат на 24 избирачки места во Брвеница“,
изјави портпаролката на ДИК.
Тодоровска-Алексовска информира дека ДИК ја ставила во функција бесплатната телефонска линија 0800 55 44, на која граѓаните можат да се информираат за сè што ги интересира во врска со остварувањето на избирачкото право. За лицата со оштетен слух, пак, на располагање е ставен телефонскиот број 076 488 360, каде што преку видеоповик можат да добијат информации на знаковен јазик.
