Во Избирачкиот список од десетте населени места во Брвеница запишани се вкупно 16 256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство, а во затвор се деветмина избирачи. Гласањето одвива во 24 избирачки места
Општина Брвеница денеска гласа на предвремените локални избори за градоначалник откако на 23 јуни годинава на 58-годишна возраст ненадејно почина дотогашниот прв човек на општината Јовица Илиевски.

Во Избирачкиот список од десетте населени места во Брвеница запишани се вкупно 16 256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство, а во затвор се деветмина избирачи. Гласањето одвива во 24 избирачки места. Изборниот ден започна во 7 часот утринава, а ќе заврши во 19 часот. Вчера гласаа болните и затворениците.
Граѓаните избираат помеѓу шест кандидати за градоначалник на Брвеница и тоа – Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ, независниот кандидат Душан Богдановски, Јакуп Усеини од коалицијата предводена од Влен, независната кандидатка Арифе Идризи и Аркин Јахији од Национална алијанса за интеграција, предводена од ДУИ.
Државната изборна комисија (ДИК) првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ќе ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од Општинската изборна комисија (ОИК) во рок од 12 часа по завршувањето на изборите. ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
