Бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков својот сомнеж го образложи со тврдењата дека Михаилова била на стоп-листа, со одземени пасоши и под полициски надзор. Според него, пред домот имало патрола, а цивилни полицајци ја следеле кога излегувала. Таа му кажувала и за дронови над куќата

Бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, во интервју за bTV изрази сомнеж дека Ива Михаилова ја напуштила Македонија без знаење на властите, иако нагласи дека не може да го потврди тоа.
„Тоа не можам да го тврдам, но би бил исклучително изненаден ако не било координирано“,
одговори Радуков.
Својот сомнеж го образложи со тврдењата дека Михаилова била на стоп-листа, со одземени пасоши и под полициски надзор. Според него, пред домот имало патрола, а цивилни полицајци ја следеле кога излегувала. Таа му кажувала и за дронови над куќата.
Радуков негираше дека тој или бугарската држава однапред знаеле за заминувањето. Амбасадата, според него, дознала од медиумите, додека очекувала продолжување на судската постапка и разгледување на можностите за лекување со учество на бугарски лекари.

Тој наведе дека биле обезбедени адвокатска помош и средства за вештачења. Рече дека не го поддржува заминувањето, иако ја разбира очајната состојба на Михајлова.
Амбасадорот повторно обвини за различен третман поради нејзината бугарска припадност. Според него, расправата за преминувањето на границата го потиснала прашањето зошто не ѝ било дозволено лекување во странство.
Македонската верзија и истрага
Македонските институции претходно изнесоа поинаква верзија за начинот на кој Михаилова стигнала во Бугарија. МВР соопшти дека во системот за гранична контрола нема евидентиран нејзин излез од државата. Според Министерството, преку заедничкиот контакт-центар биле направени проверки и кај бугарската гранична полиција, од каде што добиле информација дека нема евидентиран ниту легален влез во Бугарија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека истрагата треба да покаже како Михаилова ја напуштила државата. Тој ги отфрли тврдењата дека таа со адвокатот поминала преку редовна гранична контрола со знаење на службите.
Од Јавното обвинителство посочија дека уште на 9 октомври 2025 година на Михајлова ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош. Дополнително, ѝ биле изречени забрана за преминување на државната граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице. Ризикот од бегство, според Обвинителството, бил една од клучните причини поради кои повеќепати давало негативно мислење за враќање на патната исправа.
Откако било утврдено дека не се јавила во полиција и не била пронајдена на домашната адреса, ОЈО Кочани на 13 октомври побара притвор. По неа потоа беше распишана меѓународна потерница.
Случајот предизвика и дипломатска реакција. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го повика Радуков на разговор и соопшти дека пречекот на Михајлова во Софија, вклучително и најавите за прием на високо ниво, ги смета за провокација и поткопување на добрососедските односи.
„Националната припадност или поседувањето друго државјанство не смее да служат како основа за заштита од одговорност пред надлежните институции“, било посочено на средбата.
МНР оцени дека ваквото постапување навлегува во правниот систем на државата и побара почитување на судските постапки и институционална соработка.
Радуков, пак, по средбата ги отфрли информациите за официјален пречек, наведувајќи дека никој од бугарскиот државен врв дотогаш не остварил средба со Михајлова.
Премиерот Христијан Мицкоски категорично ги негираше тврдењата дека Михаилова и нејзиниот адвокат поминале преку официјален граничен премин. Тој рече дека последниот евидентиран влез на адвокатот во земјава бил на 28 септември и дека се истражуваат околностите на заминувањето.
Откако од бугарска страна беа посочени уставни и законски ограничувања за нејзина екстрадиција, Мицкоски најави дека прашањето ќе биде отворено пред партнерите во НАТО и Европската Унија. Тој рече дека, по завршувањето на истрагата, дел од доказите ќе им бидат презентирани на сојузниците. Истовремено, ги отфрли обвинувањата дека заминувањето било договорено меѓу властите на двете земји.
Опозицискиот СДСМ побара оставка од Тошковски и одговорност за сите што евентуално го овозможиле бегството. Од партијата го поставија прашањето како лице со одземени патни исправи и активни судски мерки успеало да ја напушти државата.
Против Михаилова се води судска постапка за сообраќајната несреќа од 7 октомври 2025 година на патот Кочани–Штип, во која загина едно лице, а повеќе беа повредени, меѓу нив и таа. Обвинението ја товари дека со возилото навлегла во спротивната лента, што одбраната го оспорува. Нејзината вина не е утврдена со правосилна пресуда.
