Снимка што е објавена во словачките медиуми наводно го прикажува осомничениот, на која човекот вели дека не се согласува со владината политика и нејзиниот став кон државните медиуми
Словачкиот премиер Роберт Фицо веќе не е во животозагрозувачка состојба откако беше опериран, вели неговиот заменик Томаш Тараба.
„Бев многу шокиран. За среќа, колку што знам, операцијата помина добро и мислам дека тој ќе преживее, а во овој момент не е во животозагрозувачка состојба“,
изјави Тараба, пренесува Би-би-си.
Тараба додава дека премиерот бил застрелан од многу блиску и дека еден куршум поминал низ стомакот, а вториот го погодил зглобот.
Повеќе детали за здравствената состојба на Фицо не се наведуваат.
Словачката полиција го идентификувала осомничениот кој вчера пукаше во словачкиот премиер во Хандлова, додека тој пред Домот на културата се поздравувал со граѓаните.
Станува збор за 71-годишен маж од Левице, кој со пиштол што, како што пренесуваат словачките медиуми, законски го поседувал, го застрерал премиерот Фицо во пределот на градите и на стомакот.
Напаѓачот веднаш бил приведен од полицијата.
Снимка што е објавена на словачките медиуми наводно го прикажува осомничениот.
На снимката, човекот вели дека не се согласува со владината политика и нејзиниот став кон државните медиуми.
Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток, вчера во болницата во Банска Бистрица, каде што Фицо беше опериран, рече дека обидот за атентат врз словачкиот премиер има „политички мотив“.
Инаку, Фицо како лидер на словачката левица беше назначен за премиер на Словачка по четврти пат на крајот на октомври минатата година. Тогаш во предизборната кампања вети дека ќе ја прекине воената поддршка за Украина и го критикуваше воведувањето санкции против Русија.
Затоа многупати го обвинувале и дека ја води надворешната политика на Словачка во корист на Кремљ.