Претседателот на Советот на Грда Скопје посочи дека сакаат да ја слушнат и втората страна во случајот, односно градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и тоа најверојатно, како што рече, ќе се случи на седницата предвидена за советнички прашања закажана за в понеделник
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, по средбата со претставниците на приватните превозници, рече дека тие како Совет немаат надлежност за решавање на спорот со долгот на ЈСП „Скопје“ кон превозниците и дека нивно било да ги ислушаат и подетално да се запознаат со проблемот.

Славески рече дека тие како Совет имаат надлежност кон ЈСП и потсети дека пред две недели со одлука префрлија два милиони евра за исплата на плати во ЈСП „Скопје“.
„Повеќе од тоа не можеме, затоа што ние имаме надлежност кон ЈСП. Ние префрливме, како што знаете со одлука од пред две недели, околу два милиони евра за исплата на плати на ЈСП. Да има некој начин да паднат од небо уште пет милиони евра кај ЈСП, никој не гарантира дека Јавното сообраќајно претпријатие ќе ги извршува своите обврски кон овие доверители, кон приватните превозници, затоа што тие најверојатно имаат обврски и на други страни. Тука надлежноста е целосно на директорот на ЈСП и на градоначалникот на Град Скопје“,
рече Славески, кој истакна дека сериозноста што ја покажале координаторите на советничките групи била на високо ниво и речиси сите пратенички групи имале свој претставник на средбата.
Претседателот на Советот на Грда Скопје, посочи дека сакаат да ја слушнат и втората страна во случајот, односно градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, и тоа најверојатно, како што рече, ќе се случи на седницата предвидена за советнички прашања закажана за в понеделник.
„Веднаш да истакнам дека ние како совет немаме надлежност за решавање на овој спор. Наше беше да ги сослушаме. Повеќе координатори на советничките групи најавија на седницата во понеделник за советнички прашања дека ќе ја прашаат градоначалничката Арсовска за детали како што сега бевме информирани во детали од претставниците на приватните превозници . Ние сме заинтересирани за нормално одвивање на сообраќајот на територијата на град Скопје. Станува збор за договорен однос меѓу приватни субјекти и јавно претпријатие, такви договорни односи имаат речиси сите јавни претпријатија на територијата на градот Скопје затоа што користат услуги од приватни субјекти и Советот не може да решава по вакви спорови“,
изјави Славески.
Тој додаде дека било важно да слушнат дека постои систем кај ЈСП за следење на исполнување на километражата на превоз и дека понатаму тие податоци според информациите се верификуваат од Секторот за сообраќај во Град Скопје.
„Приватните превозници ни кажуваат дека сето тоа е верифицирано, а не е платено. Се разбира, во краен случај има и во договорните одредби кој е надлежен за решавање на спорови меѓу ЈСП И приватни субјекти“,
посочи претседателот на Советот на Град Скопје.
Директорот на здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, по денешната средба изјави дека е задоволен од состанокот со координаторите на советничките груби во Советот на Град Скопје и, како што истакна, ја постигнале целта.
Присуството на претставници на сите советнички групи, како што истакна Јовановски, укажува дека тие се заинтересирани да се реши проблемот со долгот што ЈСП „Скопје“ го има кон приватните превозници, поради што престанаа да сообраќаат на линиите што ги опслужуваа во главниот град.
Сепак, како што рече директорот на „Слобода превоз“, нема да почнат со работа сè додека не им биде исплатен долгот.
Приватните градски превозници утрово излегоа на протест пред просториите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ поради неисплатениот долг од страна претпријатието кое е под надлежност на Град Скопје.
Тие, како што најавија, ги паркираа автобусите на булеварот пред управните простории на ЈСП и бараат средба и објаснување од директорот на јавниот градски превозник Александар Стојковски за доспеаниот долг кој, според нив, за неколку дена ќе достигне два милиони евра.
Возачите изјавија дека се чесни луѓе кои самите инвестирале во сето она што го имаат, самите се вработиле, редовно плаќаат даноци, а сега се доведени во ситуација да немаат земено плата и шест месеци.
Вчера градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на прес-конференција излезе со тврдења дека здруженијата на двата приватни јавни градски превозници „Макекспрес“ и „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.
По Арсовска, вчера со прес-конференција излезе и директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој ги демантираше обвинувањата на градоначалничката на Скопје и најавија тужби.