Со одлуката што ќе биде донесена нема да се дозволи да има какви било ценовни шокови за потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје, вели Бислимоски
Скопје ќе има парно греење со почетокот на грејната сезона и тоа никогаш не било доведено во прашање, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
Бислимоски додава дека одлуката за цената на парното ќе биде донесена кога ќе добијат цврсто уверување дека ќе започне да се монтира новиот цевковод на мостот „Беласица“, а како што рече, според информациите што тој ги има, нема никаков проблем меѓу ЕСМ и Град Скопје. Тој тврди дека со одлуката што ќе биде донесена нема да се дозволи да има било какви ценовни шокови за потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје.
„Скопје и со постоечката инфраструктура што ја има со двете топлани, без било кој цевковод, може да се снабдува со електрична енергија и ќе нема никаков проблем во однос на тоа. Би ве замолил сите да не се шири таква фама дека Скопје би останал без топлинска енергија. Поентата на сето тоа и ние што реагираме е што е можно повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целокупниот систем. ТЕ-ТО е важен поради тоа што ни дава топлинска енергија која е за два и пол или три пати пониска отколку цената на топланите во градот Скопје“,
вели Бислимоски.
Тој вели дека она на што инсистира Регулаторната комисија за енергетика е тоа да биде по далеку пониски трошоци и РКЕ од тоа нема да отстапи.
„Кога носиме одлука за цена, дали е помал цевковод или поголем, не не интересира, ние во калкулациите ќе влеземе дека од ТЕ-ТО ќе се добие 60 до 70 отсто од топлинската енергија за да сочуваме ценовна стабилност. Зголемените трошоци во однос на тоа се разбира дека ќе си одат на тој кој што има проблеми да го реализира“,
рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на „Фајнанс тинк“.
Бислимоски потврди и дека ако не работи ТЕ-ТО тоа ќе биде проблем на ЕСМ, а тоа нема да биде вкалкулирано во пресметките за цената.
Минатиот месец Бислимоски рече дека доколку не се постави тој цевковод ќе има проблем со производството на топлинска енергија од ТЕ-ТО која е три пати пониска од цената на топланите. Бислимоски објасни дека вкупниот трошок за топланите, што го плаќаат граѓаните на Скопје е 52 отсто, а трошокот за ТЕ-ТО е 36 отсто. Од друга страна, како што рече тој, има обратна ситуација во однос на произведената топлинска енергија односно ТЕ-ТО обезбедува 60 отсто, а топланите во Скопје обезбедуваат околу 40 отсто.
Бислимоски тогаш рече дека доколку не се постави овој цевковод ќе ни се случи ценовно цунами.
Што се однесува до електричната енергија, претседателот на РКЕ, денеска уште еднаш потврди дека од 1 декември ќе почне примената на дневната евтина тарифа.
„Евтината тарифа почнува со примена од 1 декември од 13 до 15 часот и во првите 10 дена најголем дел од потрошувачите ќе имаат пристап на евтината тарифа. Значи нема никакви проблеми, евтината тарифа ќе биде воведена и тоа ќе биде одлична веста за граѓаните. Од тоа нема отстапки и ќе стартува и функционира беспрекорно“,
додаде Бислимоски.