Доколку не се постави овој цевковод. ќе ни се случи ценовно цунами. Затоа нема да носиме одлука за цената на топлинската енергија сè додека не добиеме цврсто уверување дека ќе биде поставен топловодот на мостот „Беласица“ и ќе биде целосно во функција
Од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) најавуваат дека одлука за цената на топлинската енергија нема да се носи сè додека не се добие уверување дека навреме ќе биде поставен топловодот на мостот „Беласица“ кој беше оштетен во пожар ноќта помеѓу 11 и 12 мај.
„Додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се врати цевководот на мостот ’Беласица’, РКЕ нема да донесе одлука за цената на топлинска енергија. Доколку не се постави тој цевковод ќе имаме проблем со производството на топлинска енергија од ТЕТ-ТО која е три пати пониска од цената на топланите. Вкупниот трошок за топланите, што го плаќаат граѓаните на Скопје е 52 отсто, а трошокот за ТЕТ-ТО е 36 отсто. Од друга страна имаме обратна ситуација во однос на произведената топлинска енергија. ТЕ-ТО обезбедува 60 отсто, а топланите во Скопје обезбедуваат околу 40 отсто. Доколку не се постави овој цевковод ќе ни се случи ценовно цунами. Затоа нема да носиме одлука за цената се додека не добиеме цврсто уверување дека ќе биде поставен топловодот на мостот ’Беласица’ и ќе биде целосно во функција“,
вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Според него, доколку не се донесе одлука, ќе продолжи да важи постојната цена за парното греење. Во овој момент цената за топлинска енергија во Скопје е околу 30 отсто субвенционирана и одговара на далеку пониска цена на природниот гас од таа што е во моментов.
Бислимоски рече дека се сака да шпекулира околу тоа дали цената на парното греење ќе остане иста или ќе поскапи и додаде оти ценовен шок за граѓаните нема да има.
„Што и да се случи нема да дозволиме ценовни шокови. Треба да се знае дека при носењето на оваа одлука треба да се вратат шест милиони евра кои се позајмица од Владата. Ќе треба да се договориме со Владата дали тоа враќање ќе оди одеднаш или за период од две-три години. Од тие причини не може да се каже во моментов колку би била цената на топлинската енергија. Исто така, ќе треба да се знае и дали ќе има субвенции, дали ќе продолжат и во колкав износ. Сега не сакам да шпекулирам со информации“,
рече Бислимоски.
Бислимоски вели дека во Град Скопје и во ЕСМ има разумни луѓе и смета дека ќе се договорат и додава дека логички тој што е сопственик на мостот да даде дозвола ЕСМ дистрибуција на топлина да ги постави цевките кои се веќе донесени таму.
Од ЕСМ на почетокот на месецот рекоа дека по добиена дозвола од Град Скопје се подготвени во најкраток можен рок да ги постави новите топловодни цевки на мостот „Беласица“.
Оттаму тогаш рекоа дека опожарувањето на мостот нема да биде причина за старт на грејната сезона, која почнува наредниот месец и велат дека сите потрошувачи ќе имаат сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија.
Бислимоски рече и оти не очекува драстично да поскапи ниту струјата во текот на грејната сезона на берзите и посочува дека кај нас ќе зависи од цената што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот на „ЕВН хоум“.
Бислимоски, денеска исто така, рече дека не очекува да поскапи цената што ја плаќаат граѓаните за комунален отпад откако РКЕ ја доби обврската да ја определува цената на оваа комунална услуга во сите општини во државата.