Основното јавно обвинителство Струга соопшти дека 20-годишен скопјанец, кој се вратил од странство со хуманитарен лет организиран од Владата и по пристигнувањето му бил одреден задолжителен државен карантин во хотелот „Дрим“ во Струга, ја прекршил забраната за напуштање на хотелот.
„На 6 април неколкупати излегол од собата и бил затекнат од полициски службеници. Откако полицајците го предупредиле дека не смее да ја напушта собата, тој им возвратил недолично и со висок тон, па полициските службеници интервенирале и го вратиле во собата“,
соопштија од Обвинителството.
За него Обвинителството бара парична казна од 3 000 евра во денарска противвредност.
Истата парична казна е побарана и за уште четири лица кои не го почитувале полицискиот час.
Претходно ОЈО објави дека се побарани вкупно 17 000 евра за четири лица кои не ја почитувале дозволата за движење во Струга, при што за две е побарана казна од 5 000 евра, и за по едно лице 4 000 и 3 000 евра.