Депозитите до 5 000 денари ќе се исплаќаат и во готовина, додека сите поголеми суми ќе се пренесуваат на трансакциска сметка која на граѓаните ќе им биде отворена на самото место
Фондот за осигурување на депозити денеска соопшти дека е склучен договор со банките за обештетување на осигурените депозити од Еуростандард банка, која на 12 август ја изгуби лиценцата за работа.
Во текот на следните денови, Фондот преку медиумите ќе ги извести депонентите за точниот датум на почеток на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките и за распоредот на депоненти по банки. Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката за да го оствари правото на обесштетување, со што се избегнуваат чекања.
Банките ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација. Во случај на спреченост, ќе се врши исплата на лице кое ќе има полномошно заверено на нотар.
Од Фондот за осигурување на депозити информираат дека при исплата на обештетувањето ќе важи полномошното кое депонентот веќе ги има издадено за располагање со средствата од депозитот во Еуростандард банка.
Во однос на висината на средствата кои ќе им бидат вратени на депонентите, од Фондост истакнуваат дека тоа ќе биде главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година, а во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозитите се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.
Рокот на исплата на обесштетувањето е 36 месеци од денот на почеток на исплатата. По истекот на овој временски период, граѓаните кои не успеале да го остварат своето право, ќе може тоа да го сторат преку Фондот за осигурување на депозити.
Доколку износот на обесштетувањето е до 5 000 денари тогаш исплатата може да биде и во готовина, доколку депонентот до тој момент нема отворено трансакциска сметка во банката-исплатувач.
Но, ако тој износ е над оваа сума, тогаш исплатата на средствата ќе се врши преку трансакциска сметка на депонентот во банката-исплатувач. Доколку депонентот нема отворено трансакциска сметка во банката-исплатувач, тогаш тоа ќе му биде направено согласно законските прописи.
Во случај депоненот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, тогаш банката нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на која ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.