Групно чекање има и утринава пред влезовите на речиси сите банки во Тетово. Граѓаните, од кои не сите се со маски и на физичко растојание, се во обид да отворат нови трансакциски сметки откако пропадна Еуростандард банка, за да може да добиваат пензии, социјална помош или други примања.
Дополнително, банките имаат и редовни клиенти од претходно кои бараат услуги. Внатре е воспоставен ред, но надвор пред објектите никој не го контролира групирањето на луѓето. Дел од граѓаните реагираат дека во работните денови со часови безуспешно чекаат ред пред банките.
По пропаѓањето на Еуростандард, Фондот за пензиско осигурување ги задолжи пензионерите најдоцна до 21 август да одберат друга банка каде што би сакале да ја примаат пензијата.

Потоа банките, по службена должност, дојавуваат до Фондот за трансакциските сметки на кои ќе треба да се исплатат пензиите.
За оние што од различни причини не биле во можност до 21 месецов да отворат сметка во банка каде што би сакале да се врши натамошна исплата, тоа може да го сторат и сега, а пензиите ќе ги добијат во дополнителен рок.