Црвенковски, Иванов и Пендаровски ќе бидат говорници на научен собир на МАНУ „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“
Тројцата македонски претседатели, во периодот од 2004 година досега, ќе бидат говорници на настан што в понеделник го организира Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Како што пренесува МИА, МАНУ в понеделник и вторник ќе организира научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“.
На првиот ден од собирот, како што е најавено, ќе се обратат актуелниот претседател Стево Пендаровски и неговите претходници Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов. На настанот треба да се обратат и Живко Кондев, шеф на кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во кабинетот на претседателот Борис Трајковски.
Поздравно обраќање ќе има и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.
Актуелниот претседател Пендаровски, кој е на функцијата од 2019 година, претходно беше советник во кабинетот на Трајковски, кој беше на чело на државата од 1999 до 2004 година, односно до кобната несреќа кај Мостар. Потоа, Пендаровски остана советник и во кабинетот на Црвенковски, кој беше претседател од 2004 до 2009 година, кога а функцијата ја презеде Ѓорге Иванов, кој единствен досега двапати беше избиран на непосредни избори за шеф на државата. Пред две и пол години, Иванов му ја предаде функцијата на Пендаровски.
Претходниците на Пендаровски, Црвенковски и Иванов, по заминувањето од функциите, многу ретко се појавуваат на јавна сцена, додека ги користат бенефициите што им следуваат како поранешни претседатели.