Дојавите стигнаа по електронска пошта до осум училишта, по што вработените и учениците беа евакуирани и се направија антитерористички проверки

Сите дојави за бомби во осум училишта во Скопје се лажни. Потврдата на оваа информација доаѓа од МВР откако завршија антитерористичките проверки во сите школи на чии мејлови беа упатени заканите за наводните бомби.
Првично, во МВР беа пријавени вакви дојави од пет гимназии во главниот град: „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Потоа, стигнаа и дополнителни пријави за уште три други училишта.
Од МВР соопштија дека веднаш биле испратени тимови во школите, а вработените и учениците беа евакуирани.
Директорот на „Орце Николов“, Митко Димовски, претходно за „360 степени“ изјави дека веднаш по примањето на заканувачката електронска пошта, пријавиле во полицијата и извршиле евакуација, како и дека нема да се организира настава во втора смена поради проверките кои траеја подолго време.