Од Синдикалната организација при МАНУ велат дека денеска ќе упатат барање до институцијата за доставување информации од јавен карактер во однос на висината на академската награда која е редовен месечен надоместок кој им следува на академиците и покрај нивните редовни месечни примања по основ на плата и пензија и оти истите ќе ги објават во јавност
Барањето трпеливост и префрлањето на одговорноста за решавање на егзистенцијалното прашање на вработените е реакцијата што раководството на МАНУ секогаш ја дава, се вели во реакцијата на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на оваа институција.
Реакцијата доаѓа откако во вторникот раководството на МАНУ преку соопштение даде поддршка за барањата што вработените ги искажаа на штрајкот што истиот ден го почнаа пред зградата на Македонската академија на науките и уметностите, но побараа трпеливост и да почекаат почнатите иницијативи да вродат со плод.
Вработените во МАНУ велат дека прашањето за поголеми плати за своите вработени го имаат решено сите научни и високообразовни установи во државата освен највисоката научна и уметничка установа од посебен интерес за земјата.
Од Синдикалната организација при МАНУ велат дека денеска ќе упатат барање до институцијата за доставување информации од јавен карактер во однос на висината на академската награда, за која велат дека не е утврдена со Законот за МАНУ, како и за висината на платите на вработените во Секретаријатот и во стручните единици на МАНУ, со средно и со високо образование, и во организациските единици при МАНУ.
Бараните податоци, додаваат од синдикалната организација, јавно ќе бидат објавени, а во случај на нивно недоставување, велат дека ќе спроведат постапка во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Дали е лицемерна реакцијата на раководството на МАНУ ќе оставиме да оцени јавноста откако ќе го увиди соодносот на академската награда која е редовен месечен надоместок кој им следува на академиците и покрај нивните редовни месечни примања по основ на плата и пензија, во зависност од тоа дали се во работен однос или го имаат остварено правото на пензија, во последните десетина години пред донесувањето на Законот за МАНУ со кои се регулирани платите наспроти висината на последните исплати“,
се вели во денешната реакција од вработените.
Од синдикалната организација велат дека и покрај тоа што има штрајк на вработените, МАНУ овие податоци може да ги обезбеди од Министерството за финансии и очекуваат дека нема да се попречи проследувањето на оваа информација до јавноста.
Во однос на информациите што беа изнесени на почетокот на штрајкот за недолично однесување на некои академици кон вработените, од синдикалната организација велат дека станува збор за мал број академици што манифестирале нетрпеливост. Истите тие, додаваат од синдикалната организација, повеќе од две години повикуваат на трпеливост на вработените за решавање на ова прашање.
Оттаму додаваат дека нема да ги обелоденат нивните имиња затоа што, како што напоменуваат, по одржаната прес-конференција во вторникот, истите академици се повлекле од своето некоректно однесување.
Дел од вработените во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во вторникот повторно го активираа штрајкот што го почнаа лани во февруари, а го ставија во мирување еден месец подоцна.
Станува збор за 36 вработени кои ќе штрајкуваат во текот на целото работно време и нема да извршуваат никакви работни задачи, а ќе работи само архивата за прием на пошта.
Причината за штрајкот е неисполнетото барање за покачување на платите на вработените, за што лани беше потпишана спогодба која требаше да се реализира до 31 декември истата година.
Вработените кои штрајкуваа побараа нивното барање да го слушнат и другите надлежни институции во државата и да помогнат во решавањето на проблемот, а особено тоа се однесува на Собранието, кое е основач на МАНУ.
Во текот на денот од раководството на МАНУ рекоа дека даваат безрезервна поддршка и се грижат за решавање на проблемот со ниските плати на вработените.
Оттаму посочија дека Претседателството има донесено одлука за изработка на колективен договор, со што досега, во 60-годишното постоење на институцијата како буџетски корисник на прва линија, не располагала.