Претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече и дека откако било најавено активирањето на штрајкот дел од академиците веднаш почнале со закани кон вработените дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители на организациски единици во МАНУ почнале со пцости и навреди да им се обраќаат на штрајкувачите
Дел од вработените во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска повторно го активираа штрајкот што го почнаа лани во февруари, а го ставија во мирување еден месец подоцна.
Причината, како што информираше претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, е неисполнетото барање за покачување на платите на вработените, за што лани беше потпишана спогодба која требаше да се реализира до 31 декември истата година.
„Бидејќи од потпишаната спогодба не е исполнето, штрајкот повторно се активира и ќе трае сè до исполнување на нашето барање, а тоа е зголемување на платите на вработените“,
изјави тој.
Тој апелира барањето на вработените кои штрајкуваат да го слушнат и другите надлежни институции во државата и да помогнат во решавањето на проблемот, а особено, додаде Деаноски, тоа се однесува на Собранието, кое е основач на МАНУ.
Истовремено тој ги обвини академиците и раководителите на организациските единици при Академијата дека наместо да преговараат со Синдикатот најмиле адвокатска канцеларија преку која комуницираат со вработените и чија единствена задача е да ги заплашат и да најдат начин да како да го забранат штрајкот.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече и дека откако било најавено активирањето на штрајкот дел од академиците веднаш почнале со закани кон вработените дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители на организациски единици во МАНУ почнале со пцости и навреди да им се обраќаат на штрајкувачите.
„Да им порачам дека секој еден што ќе врши притисок и ќе се заканува, ќе биде објавен со име и со презиме, без разлика за кого станува збор и каква функција извршува во МАНУ. Да го потсетам раководството на МАНУ дека во спогодбата која се потпиша со синдикатот преземаа обврска дека до 31 декември 2023 година ќе биде потпишан колективен договор и ќе се направи измена и дополнување на законот за конечно да се реши проблемот со платите. Од 31.12.2023 година до денеска поминаа девет месеци, вработените не добија ништо освен закани, пцости и навреди. Наместо да се реши проблемот, се ангажираат адвокатски канцеларии кои за неполн час давање совети наплаќаат половина од средствата за плата на најголем дел од овие вработени. И наместо да се бараат средства за достоинствени плати, како другите високообразовни институции во државата, не се бараат овие средства, а се обезбедуваат средства во потребен износ за други исплати кон други вработени во МАНУ и за академиците“,
рече Деаноски.
За да биде притисокот уште поголем, додаде тој, била донесена одлука за ангажирање надворешна фирма која би требало да ги замени вработените, а дел од нив, според претседателот на Синдикатот на УПОЗ, веќе почнале да извршуваат работни задачи.
„Сакам да потенцирам дека вработените ќе штрајкуваат, штрајкот ќе се одвива на работните места и нема да попуштат сè додека не се исполнат нашите барања, т.е. единственото барање, решавање на проблемот со платите на вработените кој трае веќе подолго од 10 година“,
рече Деаноски.
Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на Синдикатот на УПОЗ рече дека станува збор за 36 вработени кои ќе штрајкуваат во текот на целото работно време и нема да извршуваат никакви работни задачи, а ќе работи само архивата за прием на пошта.
Деаноски рече дека не може да каже точен процент за тоа колкаво покачување на платите бараат овие вработени и појасни дека она што требало да се направи е нов начин на пресметка на платите.
На новинарско прашање колкави се сега платите и која е најмалата плата, претседателот на Синдикатот на МАНУ, Блажо Вујовиќ, рече дека се работи за минималец.
„Плата со високо сметајте дека е за 50 отсто помала од платите во другите научни установи и во културата“,
вели Вујовиќ.
Прашан за коментар на наводите на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити дека МАНУ треба да ги отвори вратите за научните Албанци, претседателот на Синдикатот на МАНУ кажа дека не би можел да даде одговор за научниците, но во врска со вработените рече дека со години ниту Албанци ниту Македонци се јавуваат на конкурсите за работа во МАНУ токму поради ниските плати.
„Можам да кажам дека последните 15 и повеќе години секој конкурс за секое работно место во администрацијата е пуштен во весници на македонски и на албански јазик. Тоа што ниту еден Албанец се нема пријавено ниту еден Македонец се нема пријавено е поради што се премногу мали платите, проблем што треба да го реши како Академијата, така и нашиот основач Собранието“,
рече Вујовиќ.