Мицкоски вчера до Собранието поднесе предлог-закон за измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка, со што најави дека следниот период очекува да се направи реорганизација на определен број министерства во рамките на самата влада
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска напладне во вилата „Водно“ ќе му го врачи мандатот за формирање на влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори на 8 мај годинава освои парламентарно мнозинство.
Потоа, мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната влада, како и нејзината програма. Собранието, пак, ја избира владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Мицкоски вчера до Собранието поднесе предлог-закон за измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка, со што најави дека следниот период очекува да се направи реорганизација на определен број министерства во рамките на самата влада.
Ги повика сите пратеници во парламентот да ги поддржат измените на овој закон зашто, според него, на тој начин ќе покажеме дека не живееме во стереотипи и имаме една цел – како да направиме подобро место за сите граѓани во државата.
Со овој нов закон, според Мицкоски, се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада, па така, реорганизација ќе се направи на Министерството за економија, кое ќе стане министерство за економија и труд, а сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Ново ќе биде министерството за спорт, како и министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Мицкоски најави и министерство за култура и туризам, министерство за дигитализација, како и ново министерство за администрација.
Според него, со една ваква реорганизација на министерствата ќе добиеме на ефикасност и осовременување на самата влада, а, како што додаде, со тоа се очекува да се подобри животот и стандардот на сите граѓани во државата, без разлика на нивната партиска и политичка припадност. Посочи и дека очекува на почетокот на идната недела овој закон да биде изгласан.
Откако денеска ќе му биде врачен мандатот, Мицкоски најави дека идната влада ќе биде изгласана пред крајниот рок дефиниран согласно Уставот.
За в петок во 11 часот е закажана собраниската седница на која на дневен ред е предлог-законот за измена и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа по скратена постапка.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ сè уште разговараат за формирање на новата влада, иако поделбата на ресори веќе е објавена, а неофицијално се споменуваат и имиња на новите министри.
На новинарско прашање до каде се преговорите за коалицирање, Мицкоски вчера рече дека тие веќе привршуваат.
Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи.
Според анализата на „360 степени“, 24 фотелји ќе бидат потребни за седниците на новата влада чие составување се ближи кон финиш. Главното место ќе биде за идниот премиер. Во 20 фотелји ќе седнат новите министри кои ќе предводат конкретен ресор. Трите преостанати места се за министрите кои ќе немаат ресор. Така ќе изгледа првата влада на Христијан Мицкоски – со 20 министри со ресор и тројца без ресор.