Дел од нив со дополнителни коментари преку социјалните мрежи ги уверуваат граѓаните дека нема да гласаат за уставни измени, па, како што велат, и по цена на нивните животи
Измените со кои Бугарите треба да влезат во Уставот нема да поминат во Собранието, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порачувајќи дека за тоа гарант се изјавите кои пратениците од неговата партија ги дале и завериле на нотар.
„Народот може да биде спокоен. Ова не е 2019 година“,
рече Мицкоски.
Заверените нотарски изјави голем дел од пратениците ги објавија на социјалните мрежи порачувајќи дека никогаш нема да гласаат за уставни измени.
Сите се со иста содржина, освен името и презимето на пратеникот, и во нив пишува дека пратеникот тврди оти нема да гласа за внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во која било одредба од Уставот.
Интегрално нотарската изјава гласи:
„Јас (име и презиме) пратеник во македонското собрание, со мандат добиен од македонските граѓани на парламентарните избори во 2020 година, под полна морална, материјална и кривична одговорност изјавувам дека:
Нема да гласам за промена на македонскиот устав (’Службен весник на Република Македонија‘ бр.52/1991) со цел внесување на бугарскиот народ во преамбулата или во било која одредба од истиот, ниту ќе поддржам било каква иницијатива, предлог или заклучок кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава.
Оваа моја изјава е дадена со чиста совест и истата е неотповиклива“.
Дел од нив со дополнителни коментари преку социјалните мрежи ги уверуваат граѓаните дека нема да гласаат за уставни измени, па, како што велат, и по цена на нивните животи.
„Ништо не е готово, заедно ќе победиме, сите пратеници се обврзуваме со нотарски изјави дека нема да поддржиме уставни измени“,
напиша пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во објавата со фотографијата од нотарската изјава.
„Јас, Ѓорѓија Сајкоски, ви давам цврсти гаранции на Вас граѓаните кои ми го дадовте мандатот, дека нема да гласам за штетни договори и промена на Устав“,
вели пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.
„Јас никогаш нема да дадам глас кој ќе значи геноцид за мојот македонски народ! Мојот збор и потпис вредат колку и мојот живот. Смрт или слобода за Македонија“,
вели пратеничката Дафина Стојаноска.
„Дури и по цена на мојот живот нема да го предадам својот народ и да гласам за предавство на мајка Македонија! Да е вечна! Ќе победиме“,
наведе пратеникот Јован Јаулески.
Ваквиот чекор на опозицијата денеска во одговори на новинарски прашања го коментираше и премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ, според него, не е реформирана туку е истата партија како што беше кога со неа раководеше Никола Груевски.
„Во тоа време нивните пратеници потпишуваа меници, а сега потпишуваат нотарски изјави“,
рече Ковачевски.
Премиерот порача дека пратениците се независни во своето одлучување во Собранието и тие таму не ја претставуваат политичката партија или претседателот туку граѓаните. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски, решила да се изолира, не треба да ја изолира и целата држава.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни што има против внесувањето во Уставот на граѓаните на РСМ кои јасно се самоопределиле како Црногорци, Хрвати, Бугари … Сите тие се богатството на нашата држава, ние сме граѓанска држава. Ние имаме држави во блиското опкружување кои низ вклучување на граѓаните со различно самоопределување изградиле посилни општества и држави. Земете ја за пример само Хрватска. Таа има 27 делови од народи кои се дел од нивниот Устав, тие тоа го поддржале и станале членка на ЕУ и се држава која напредува по сите параметри. Не може ако некој решил себе си да се изолира, да ја изолира својата партија, преку нотарски изјави да ги изолира и своите пратеници, тоа да го прави на сите граѓани на државата и на целата држава и неа да ја изолира. Тоа е неприфатливо, тоа е ретроградно и треба да биде надминато“,
смета премиерот.