Градоначалникот на Скопје тврди дека нема ништо спорно во набавката на противпожарната скала и нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира кога прави споредба со Загреб бидејќи загрепската скала ја кажува со цена без ДДВ, но и затоа што списокот на дополнителна опрема што ја купува Скопје е многу подолг од тој во случајот со загрепската набавка. Исто така, тој смета и дека нема судир на интереси бидејќи Градот го потпишал договорот исклучиво со унгарската фирма, а не со фирмата каде што сопственик е зетот на секретарката на Град Скопје
ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека цената по која е купена скалата во Скопје е фрапантна и дека се нелогични оправдувањата на градските власти дека е поскапа поради стабилизаторите и корпите бидејќи истото го има и во Загреб
Антикорупциска денеска потврди дека отвориле предмет откако тоа го побара самиот Шилегов, но предупредува дека не сака преку неа да се вршат политички препукувања во пресрет на локалните избори
„Скалата која во Загреб е купена за 800 000 евра плус ДДВ, кај нас ја купуваат за фрапантни 1,7 милиони евра. И мало дете знае дека остатокот од парите се украдени“
„Мицкоски и сите што се појавуваат на партиската говорница во ВМРО-ДПМНЕ се обични лажговци и манипулатори“
Ова се последните меѓусебни прозивки со кои денеска излегоа опозициската ВМРО-ДПМНЕ од една и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, од друга страна, во врска со набавката на противпожарната опрема која веќе неколку дена е тема во јавноста.
Станува збор за набавката на возило со 45-метарска скала за Противпожарната бригада на Град Скопје. Со оваа скала, како што велат од раководството на скопските пожарникари, ќе се овозможи соодветно спасување во случај на пожар во објектите кои имаат над 5 ката. Неопходноста од купување на ваква опрема се провлекува уште од 2010 година. Потребата од неа не ја оспорува ниту ВМРО-ДПМНЕ, но она што го спори опозицијата е цената нагласувајќи дека Градот Загреб ја купил истата за дупло помала цена, како и улогата во зделката што ја има фирмата „Армор плус“, каде што сопственик е зетот на секретарката на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ.
Од друга страна, пак, градоначалникот Петре Шилегов ја обвинува опозицијата дека манипулира со јавноста бидејќи, потенцира, очигледна е разликата во она што го набавил Загреб од она што го купува Скопје.
„Влегуваме во предизборие за локални избори и вакви лаги ќе се изнаслушаме имајќи предвид дека водењето на Град Скопје во изминатите 3,5 години е беспрекорно во правна смисла и многу супериорно од аспект на градските политики во однос на она што му се случуваше на градот во претходно владеење“,
вели градоначалникот Шилегов.
Двата града ја купиле зглобната автоскала од типот „ивеко магирус МЛ42“ преку унгарската фирма „Хороскоп“, загрепската со ДДВ чини 920 илјади евра, а скопскиот тендер е тежок 1,7 милиони евра поради, како што велат градските власти, разликата во дополнителната опрема. Скопската, велат, има корпа за спасување до 400 килограми односно со капацитет за 4 лица, а загрепската е за 3. Понатаму, мултифункционални држачи за закачување на фен и носилка, генератор за струја, хидрауличен бекап за во случај на дефект скалата да се поврзе со генератор за нормално функционирање итн. За разлика од неа, Загреб купил основен модел.
Покрај дополнителната опрема за автоскалата, од Град Скопје потенцираат дека дел од набавката е и дополнителна противпожарна опрема како што е: мобилна пумпа, дишни апарати, резервни боци за нив, 6 стабилизатори за сите тимови возила, црева и др.
Командантот на противпожарната бригада, Владимир Симоновски, кој заедно со градоначалникот присуствуваше на брифингот со новинарите, посочува дека скопското возило може да се користи и како останатите кога има потреба односно само за гаснење на пожар. Тој вели дека имал контакти со хрватските колеги и дека Загреб не купувал таква опрема како Скопје со оглед дека веќе ја има бидејќи поседува уште 6 други такви возила, за разлика од нас, кои купуваме по првпат.
Шилегов тврди дека нема судир на интереси
Градоначалникот Шилегов смета дека нема судир на интереси кога е во прашање фирмата „Армор плус“ бидејќи Град Скопје договорот го има потпишано исклучиво со унгарската фирма „Хороскоп“ и парите кои ги плаќа Градот се директно на фирмата од Будимпешта. Во договорот, унгарската фирма се обврзува на сервисирање и одржување на опремата за автоскалата во период од 5 години, додека за другата дополнителна опрема во период од 2 години.
За овие две работи, „Хороскоп“ посочува две фирми од регионот: една од Белград во делот за автоскалата и корпата; додека за одржувањето и сервисирањето на другата дополнителна опрема (дишните апарати) ја посочува „Армор плус“ бидејќи таа фирма самиот производител ја посочил како генерален застапник за земјата.
„Армор плус“ беше тема и на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на градскиот комитет на партијата, Владимир Нелоски, обвини дека во случајот со оваа компанија „го имаме новиот Драги Рашковски“ бидејќи фирмата добивала и други тендери.
„Го имаме новиот Рашковски во Град Скопје. Секретарот на мрзливиот и арогантен Шилегов, Викторија Аврамовска – Мадиќ е новиот Драги Рашковски. Преку фирма на нејзиниот зет, испумпува преку половина милион народни пари на граѓаните од Градот Скопје. ’Армор плус‘, не само што зела милионски тендер во Градот Скопје, туку за само 4 години од 2017 до сега, има заработено рекордни над 4 милиони евра од добиени тендери. Град Скопје, јавните претпријатија, општините низ Македонија каде што СДСМ е на власт, државни институции, министерството за одбрана и многу други и дале бизнис на истата фирма ’Армор плус‘ во вредност од над 4 милиони евра“,
рече Нелоски.
Од друга страна, Шилегов на денешниот брифинг посочи дека ова фирма е една од ретките (вкупно 4) кои работат со ваков специфичен тип на противпожарна опрема. Во делот за тендерите кои ги добивала од Град Скопје, градоначалникот потенцира оти станува збор за само 2 јавни набавки од вкупно 20-тина.
„Другите 18 ги добиле другите фирми, зошто не го кажуваат тоа?“,
коментира тој.
Двата тендери кои ги добила „Армор плус“ се во 2018 за набавка на 25 изолирани дишни апарати и за 100 комплети опрема за шумска и техничка интервенција.
Скалите уште не се стигнати, но се под лупа на Антикорупциска
Автоскалата сè уште не е пристигната во Скопје. За неа е платен аванс од 20 проценти, а остатокот од парите Градот ќе ги плати по пристигнувањето на неколку рати. Таа треба да пристигне во Скопје наскоро. Командантот Симоновски вели дека се прават напори тоа да се случи за денот на пожарникарите на 20 мај, а доколку не се успее возилото ќе биде тука кон крајот на месецов или на почетокот на јуни.
Уште не стигната, автоскалата е под лупа и на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси (ДКСК). Шилегов самиот побара антикорупционерите да се изјаснат велејќи дека тоа го прави „за да се спречи ширење на лажни вести и дезинформации“.
Шилегов вели дека сè уште нема повратни информации од таму, но претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, на денешната прес-конференција рече дека отвориле предмет и по него ќе се работи како и за сите други.
„ДКСК е независен државен орган и е неблагодарно да се вршат препукувања, со цел да се обезбедат одредени политички поени, затоа што во пресрет на локалните избори не сакаме да се доведеме во ситуација преку нас да се книжат одредени политички поени“,
рече Ивановска.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ, пак, побараа со набавката да се позанимава и Јавното обвинителство.