Од МВР информираат дека за настанот бил известен јавен обвинител и по целосно расчистување и документарање на случајот против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава
Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип вчера лишиле од слобода 25-годишен жител на градот кој бил затекнат како пали сува трева во атарот селото Долни Балван, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според информациите, станува збор за лице со иницијали Б. С., кое вчера околу пладне било забележано како пали сува трева помеѓу пат и нива, покрај магистралниот пат Штип – Кочани, во атарот на Долни Балван.
Во случајот, додаваат од МВР, покрај сува трева, била опожарена и една бала детелина, сопственост на 36-годишен штипјанец.
„На 11.06.2026 во 12:30 час во село Долни Балван, штипско, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода Б. С. (25) од Штип. Тој бил затекнат околу 12:00 часот како пали сува трева помеѓу пат и нива, сопственост на С. З. (36) од Штип покрај магистрален пат Штип – Кочани во атар на с. Долни Балван. Притоа била опожарена сува трева и една бала детелина сопственост на С. З.“,
се вели во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека за настанот бил известен јавен обвинител и по целосното расчистување и документарање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, изминатите два дена во околината на Штип се случија два пожари, кои беа локализирани, а потоа и згаснати во интервенција на поголем број пожарникари од локалната противпожарна служба, како и од нивни колеги од територијалните противпожарни единици од Кочани и Свети Николе.
Пожарот што избувна на 10 јуни на патот кон градските гробишна во месноста Плуждино кај Штип, се претпоставува дека бил предизвикан од удар на гром. Вчера недалеку од ова место, на локацијата Кадидере се случи нов пожар во кој беше повреден сопственик на викендичка. Синоќа надлежните соопштија дека успеале да го изгаснат пожарот, кој брзо со ширеше бидејќи беше зафатена сува трева, а дополнително беше разгоруван и од ветерот. Засега нема информации за причините за овој пожар.
