Според првичните информации, пожарот најверојатно бил предизвикан од удар на гром, при што била зафатена сува трева. Поради засилениот ветер, огнот брзо се проширил
Голем пожар попладнево избувна на патот кон градските гробишна во месноста Плуждино кај Штип – соопштија вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Според првичните информации, пожарот најверојатно бил предизвикан од удар на гром, при што била зафатена сува трева.

„Поради засилениот ветер, огнот брзо се проширил на поголема површина“,
соопштија од ЦУК.
Оттаму додаваат дека екипи на Територијалната противпожарна единица Штип во моментов работат на локализирање на пожарот, спречување на негово натамошно ширење и заштита на објектите во близина кои потенцијално би можеле да бидат загрозени од огнените јазици.
Од ЦУК информираат и дека на барање на Општина Штип, побарана е помош од соседните противпожарни единици, а екипи од ТППЕ Кочани и ТППЕ Свети Николе веќе се упатени кон Штип за да се вклучат во гаснењето.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вечерва од терен рече дека нема простор за паника.
„Сакам да апелирам до граѓаните на Општина Штип дека нема простор за паника бидејќи сме мобилизирани максимално, искомунициравме со ЦУК, со ДЗС и со другите ТППЕ кои се во непосредна околина на Штип и очекуваме во текот на ноќта да пристигнат за да се направи еден заштитен обрач и да не се дозволи натамошно ширење на огнот и зафаќање на куќи и имот кои се во непосредна близина на опожарените ридови“,
изјави вечерва градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
