Од МВР упатуваат апел до граѓаните и до учесниците во изборите и во преостанатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти, а доколку се забележи какво било нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112 или да пријават во најблиската полициска станица

Поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место, лепење плакати и расфрлени летоци, како и агитирање во неколку града и села се пријавите за изборни нерегуларности што денеска до 11 часот биле пристигнати до Министерството за внатрешни работи (МВР).
Сепак, како што информира помошникот на министерот за односи со јавноста Тони Ангеловски, досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, односно тоа се одвива мирно и без проблеми.
„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлени летоци на подрачјето на Чаир во Скопје“,
рече Ангеловски.
За сите овие настани, додаде тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Ангеловски информира и оти покрај овие случаи имале неколку пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово и во Струмичко, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи досега не се потврдени, изјави Ангеловски.
Тој упати апел до граѓаните и до учесниците во изборите и во преостанатиот дел од гласањето да се воздржат од инциденти. И рече доколку има какво било нарушување на изборниот процес граѓаните веднаш да ја известат полицијата на броевите 192 и 112, или да пријават во најблиската полициска станица.
Утринава министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по остварувањето на своето право на глас, во изјава за медиумите рече дека вчера имало повеќе незаконити настани кои биле пријавени до МВР, а како примери ги посочи обидите за поткуп со давање бонови за гориво од одредени членови на партија во Крива Паланка, како и злоупотребата на лични податоци и гласачки ливчиња на граѓаните кои биле споделувани во групи со цел информирање на одредена политичка партија за тоа кој го остварил правото на глас и за кого на територија на СВР Охрид.
Тој кажа и дека во текот на вчерашниот ден во Неготино, пратеник од одредена политичка партија, користејќи податоци кои требало да бидат тајни, односно податоци за доделени финансиски средства за ИПАРД-програми, се јавувал кај одредени граѓани кои добиле такви средства и влијаел тие да го дадат својот глас како што тој сметал дека требало.