Загреб е еден од 20-те градови со кој е збратимено Скопје. Збратимувањето помеѓу двата главни града се случи во 2011 година
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, преку социјалните мрежи се прости од неговиот загрепски колега, Милан Бандиќ, кој ноќеска почина по компликации од срцев удар.
„Со голема жал и неверување ја примив веста за прераната смрт на Милан Бандиќ. Загреб загуби градоначалник, кој легендата за себе ја создаде за време на својот живот. Скопје загуби голем пријател. Јас загубив голем пријател. Почивај во мир Милане“,
напиша Шилегов.
Градоначалникот на Загреб почина во болницата „Свети Дух“, откако лекарите не успеале да му го спасат животот по приемот на Бандиќ во влошена здравствена состојба, предизвикана од срцев удар. Тие се обиделе со реанимација, но срцето на 66-годишниот Бандиќ не продолжило да чука.
Инаку, Загреб е еден од 20-те градови со кој е збратимено Скопје. Збратимувањето помеѓу двата главни града на Северна Македонија и Хрватска се случи во 2011. Во сторијата која ја објавивме по повод Светскиот ден на градовите, од Град Скопје го посочија Загреб како еден од градовите со кои во последните години има интензивна соработка осовено во областа на сообраќајот во врска со воведувањето на шински јавен транспорт.