Долгогодишниот градоначалник на хрватската престолнина, Милан Бандиќ починал ноќеска во загребската болница „Свети Дух“. Лекарите не успеале да му го спасат животот на Бандиќ, кој бил примен со влошена здравствена состојба, предизвикана од срцев удар. Тие се обиделе со реанимација, но срцето на 66 годишниот Бандиќ не продолжило да чука.
Градските власти, со жалење, ја потврдија информацијата.
Бандиќ подолго време имал сериозни проблеми со здравјето. Во 2003 година преживеал тежок мозочен удар, а пред три години му бил вграден стент. Имал и белодробна емболија а му биле извршени и неколку операции, последната, лани, на гласните жици.
Прв пат беше избран за градоначалник на Загреб во 2000 година. Две години подоцна беше приморан да си поднесе оставка поради предизвикување сообраќајна незгода во пијана состојба и обид за подмитување на полицаецот. Но, на челната позиција во Загреб се враќа на следните локални избори, во 2005 година.
Тој дури два пати во текот на својата градоначалничка кариера бил во притвор како осомничен за финансиски малверзации, но ниту еден од скандалите или аферите кои беа поврзувани со неговото име не им пречеа на загрепчани да гласаат за својот омилен градоначалник.
Беше градоначалник во шест мандата, односно цели 20 години владееше со главниот град на Хрватска.