На првата трибина „Најдоброто за нашата општина“, лидерот на СДСМ најави засилени активности на терен наредниот период со цел да се слушне што мислат граѓаните и тоа да влезе во програмата на локалните избори. За да биде гласот слушнат, рече Заев, гарант е СДСМ без разлика кои ќе бидат кандидатите за градоначалници
Никој веќе не зборува за загаден воздух во Скопје, порача градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на првата граѓанска трибина од караванот на СДСМ „Најдоброто за нашата општина“.
Борбата со аерозагадувањето, тој ја вброи како еден од успесите во неговиот досегашен мандат на чело на главниот град.
„Дали приметувате? Никој веќе не зборува за загаден воздух во Скопје. Од првиот ден почнавме војна со аерозагадувањето, досега имаме имплементирано преку 40 нови мерки во борбата со загадувањето. Само со субвенциите на инвертер клими со Владата и ЕСМ заменивме преку 6,5 илјади грејни тела во нашиот град. Во Скопје имаме два зелени кровови, на ГТЦ и Дом на градежници. На ’Мавровка‘ го почнуваме за неполн месец. Пантракот кај Олимписки требаше да биде висока зграда и полигон, со градоначалникот на Центар го спречивме и стана јавен простор кој го употребуваат сите наши деца. Дивите депонии речиси и да не постојат“,
рече Шилегов.
Велосипедските патеки, ослободувањето на тротоарите, новите булевари, ослободувањето на средишниот дел од кејот „13 Ноември“ од терасите на рестораните, почетокот на реконструкцијата на Универзална сала, Дино паркот за кој рече дека руши рекорди на посетеност, беа уште еден од проектите со кој се пофали Шилегов. За во август, пак, најави потпишување на договор за забавен парк во Скопје за кој исто така вели дека ќе биде атракција за туристите.
„Бас рапид системот“ или популарно наречениот трамвај на тркала, беше еден меѓу првите за кои се пофали и за кој ја нападна опозицијата.
„За трамвај во Скопје зборуваа цели 40 години, почнаа со собирање на самопридонес, а стигнаа знаете колку? Документација од Ново Лисиче до Народна Банка. Бас рапид системот е во самата имплементација. Со потпишувањето на договор за заем од 70 милиони евра со поддршка на Владата процесот на негово воведување го доведовме до точна од која нема враќање и за 4 години од сега, двата правци во Скопје ќе бидат пуштени во употреба. Затоа со гордост може да кажеме дека со воведување на овој транспорт ЕБОР го квалификува градскиот превоз во Скопје како единствен со ’силвер лајн‘ за брз транспорт на патници“,
рече Шилегов.
Шилегов, кој неколкупати досега отворено кажа дека ќе бара втор мандат, рече дека досега клучно за успесите било единственото односно поддршката од премиерот Зоран Заев и соработката со градоначалниците од СДСМ.
„Затоа е многу важно градоначалникот на Скопје и претседателот на Владата да бидат од една иста партија. Затоа што таа соработка е битна токму за развојот на Градот Скопје“,
рече градоначалникот на Скопје.
Заев, кој исто така беше еден од говорниците на трибината, зборуваше за успесите меѓу кои го наведе и загадувањето кое нагласи, е драматично намалено. Исто така, ја спомена и поддршката за новиот јавен превоз во Скопје.
И тој зборуваше за важноста од соработката помеѓу Владата и единиците од локалната самоуправа.
„Секоја општина доби неповратни средства за да покрие 51% од пријавените долгови. Тоа многу ја олесни работата на градоначалниците и тие се посветија на проекти и планови за развој на локалните самоуправи. Оваа година во имплементација е проектот за поврзување на локални патишта, односно изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од околу 450 километри. Проектот предвидува инвестиции во рехабилитација на локални патишта и улици во 80 општини низ државата, вклучувајќи ги и општините во Градот Скопје“,
рече Заев.
На оваа прва трибина „Најдоброто за нашата општина“, лидерот на СДСМ најави засилени активности на терен наредниот период со цел да се слушне што мислат граѓаните и тоа да влезе во програмата на локалните избори. За да биде гласот слушнат, рече Заев, гарант е СДСМ без разлика кои ќе бидат кандидатите за градоначалници.
„Со овие теренски активности сакаме да ги презентираме досега сработените проекти за секоја општина, секој град, но и да го слушнеме вашиот глас. Да кажете отворено од што сте задоволни, што сметате дека треба да се промени, што да се направи во иднина. За нас зборот е збор, она што сметате вие дека е најдобро за вашата општина тоа ќе се најде во програмата за локалните избори тоа и ќе се реализира. Затоа следните месеци ќе разговараме насекаде со граѓаните, со нашиот народ. Вашиот глас е слушнат и уважен секогаш, за тоа гарант е СДСМ и коалицијата, без разлика кој ќе биде нашиот кандидат во која било општина“,
порача Заев.