Во овој момент нема причини за загриженост од присуството на невладини организации во земјава поврзани со Иран бидејќи Северна Македонија не им е точка на интерес, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска додавајќи дека нашите дипломатски односи со Иран се многу скромни, но не се толку комплицирани како нивното отворено прашање со Албанија.
Сепак, потенцира таа во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, никогаш не смееме да ја елиминираме опасноста од радикализирани исламистички структури кои се враќаат од тамошните фронтови. И земјава, и целиов регион, и светот, нагласи Шекеринска, живее со опасноста од тероризам.
„Ако во еден момент помислите дека тоа им се случува на некои други, ќе се разбудите шокирани и непријатно изненадени бидејќи светот живее под притисок од тероризмот. Кај нас е специфично бидејќи сме поблиску и поради овие присуства и влијанија во целиот регион. Затоа и работиме на програми на ресоцијализација и менаџирање на сите тие повратници, но акцијата на нашето МВР во 2018 докажа дека ситуацијата се следи, се реагира секој пат кога постои каква било опасност“,
изјави Шекеринска.
Таа информира дека најголем дел од земјите не ги повлекле војниците од Ирак, туку ги преместиле во Кувајт, со план дека тоа е само времено.
„Мисијата во Ирак е важна мисија, но таа не е борбена. По нападот и убиството на иранскиот генерал, имаше дебата и во нивниот парламент. Присуството на НАТО во целиот регион е резултат на кризата“,
изјави министерката Шекеринска во гостувањето на „Слободна ТВ“.
Вчера македонските власти излегоа со став за случувањата на Блискиот Исток при што ги осудија иранските ракетни напади врз американските и коалициските воени бази во Ирак, кои доаѓаат како одговор на Иран за убиството на генералот Сулејмани.
„Сметаме дека ваквите неприфатливи постапки дополнително ги зајакнуваат тензиите и го зголемуваат ризикот од воен судир од пошироки размери. Апелираме на максимална воздржаност и преземање мерки за создавање предуслови за постепено смирување на тензиите и нормализирање на состојбата“,
рекоа од МНР нагласувајќи дека земјава останува во постојани консултации со ЕУ и НАТО-партнерите и дека поддржуваат деескалација на состојбата во Иран.
Кога станува збор за тоа дали и колку македонски државјани има во Ирак или Иран, од МНР велат дека во моментов не располагаат со конкретни податоци за бројот, нагласувајќи дека РС Македонија нема дипломатско-конзуларни претставништва во овие земји, но оти преку своите дипломатски канали ги преземаат сите мерки за да добијат информации поврзани со наши државјани. Меѓутоа, до овој момент ниту еден македонски државјанин кој би можел да се наоѓа во тој регион не се обратил за помош до МНР.
*Поврзана вест: (Анализа) Факти за кризата меѓу САД и Иран