Во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните политички и економски односи меѓу двете земји, како и перспективите на процесот на проширување на Европската Унија
Министерот за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево, од денеска престојува во дводневна посета на Република Северна Македонија, на покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ова е прва официјална посета на Прево на земјава.
Во рамки на посетата, предвидена е тет-а-тет средба меѓу двајцата министри, по што ќе следува и пленарна средба на двете делегации, како и заедничка изјава за медиумите.
Во фокусот на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните политички и економски односи меѓу двете земји, како и перспективите на процесот на проширување на Европската Унија.
Посебен акцент ќе биде ставен на белгиската поддршка за европската интеграција на земјава.
Посетата на шефот на белгиската дипломатија е дел од неговата турнеја низ Западен Балкан, во рамки на која ќе ги посети и Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, со цел да ги поддржи нивните напори за членство во Европската Унија.
