Од Министерството велат дека централни теми на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните политички и економски односи со Белгија, како и перспективите на процесот на проширување на Европската Унија, вклучително и натамошната белгиска поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија
Министерот за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево, утре пристигнува во дводневна официјална посета на Република Северна Македонија. Посетата се реализира на покана на македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Според официјалното соопштение од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), двајцата министри најпрво ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува состанок на двете официјални делегации.
„Централни теми на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните политички и економски односи со Белгија, како и перспективите на процесот на проширување на Европската Унија, вклучително и натамошната белгиска поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија“,
наведуваат од МНРиНТ.
По завршувањето на официјалните средби во Скопје, предвидено е министрите Муцунски и Прево да дадат заедничка изјава за медиумите.
Ова е прва посета на министерот Прево на земјава која е дел од неговата турнеја низ Западен Балкан. Покрај Северна Македонија, тој ќе ги посети и Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.
