Ова е одговорот на поранешниот претседател на државата за најавите за спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање кои ги турка актуелната власт

Поранешниот претседател Стево Пендаровски смета дека идејата за спојување на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) не е добра бидејќи секогаш е подобро тие да бидат под различни политички авторитети или власт заради подобра контрола врз нив, сè додека државата не ја заврши својата демократска транзиција.
Тој вели дека идејата за спојување на службите потекнува од 2008 или 2009 година, кога предлогот пристигнал од поранешниот прв човек на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашко Мијалков, но експресно бил одбиен од САД.
„Безмалку речено е – не, затоа што, прво не се точни тие квазианализи кои ги цитираат дека наводно поголема бројка европски држави имаат такви решенија – немаат. Огромна бројка членки на Европската Унија имаат дисперзирани служби кои се под различни политички авторитети. Америка, надвор од ЕУ, е прва таква – Америка има 16 поголеми разузнавачки служби. Другите не ги броиме“,
вели Пендаровски кој е универзитетски професор по меѓународна политика и безбедност
Според него, АНБ и АР имаат сосема различна надлежност и работа, односно разузнавање и контраразузнавање, а примерите со Словенија и Хрватска не можат да ни служат оти не постои компаративна анализа која би покажала дали им се подобрени перформансите откако службите биле споени.
„Ако зборуваме за лош човечки квалитет – претпоставуваме наназад години и години во тие служби, еве да се согласам. А во другите институции? Кој тврди дека денешниот пратенички состав е подобар од првиот или од третиот, четвртиот? Значи, ние генерално имаме проблем со неквалитетот на човечкиот кадар. Ние сме мала држава, имаме минимално демократско искуство на кое би се потпирале“,
изјави Пендаровски.
Тој вели дека Македонија пред да стане независна држава никогаш не била демократска и оти и големите држави имаат проблем со пронаѓање добар профил на кадар кој би ги водел овие институции.
