По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде што се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела

Седницата на Надзорниот одбор во М-НАВ ќе продолжи и утре сè до комплетирање на целокупната документација, лиценци, дозволи, услови што треба да се исполнат од страна на предложените кандидати од Владата за членови на Управниот одбор, информираат од М-НАВ.
По именувањето на новите директори, како што објаснуваат од М-НАВ за МИА, следува потпишување на записникот од седницата и доставување на потребната документација до Централен регистар, од каде што се добива решение. Заокружувањето на сите процедури се очекува да се финализира следната недела.
Надзорниот одбор на Македонската навигација денеска ја почна седницата на која се очекува да биде донесена одлука за промена на раководството, согласно владината препорака.
Владата даде препорака да бидат разрешени претседателот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација Фахрудин Хамиди, како и членот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника Љубе Стаменковски. На нивно место, според препораката на Владата од минатата недела, се очекува да бидат назначени Хекуран Асани и Милан Кораќ.
Претседател на Надзорниот одбор во М-НАВ е Кристијан Михајлоски, а членови Едмонд Калики и Димитар Џеков.
Владиниот предлог за смена на раководството на М-НАВ следува по насилниот упад и нападот на дел од вработените во Македонската навигација што се случи на 4 јануари.
Новиот предлог – Хекуран Асани, е активен контролор на летање во М-НАВ и, според проверките, ги исполнува барањата наведени во член 17 од Статутот на Акционерското друштво во државна сопственост М-НАВ.
По препорака од Владата, Инспекторатот за труд веќе изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на „М-НАВ“ и синдикатите и треба да подготви записник. Препорака од Владата доби и Агенцијата за цивилно воздухопловство, да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај, а проверки вршеше и Управата за финансиска полиција.
За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Од нив, веднаш беа приведени четворица, а на 12 јануари уште еден од другите четворица по кои се трага. На приведените им е определена мерка куќен притвор.
По владината одлука за промени во раководството на М-НАВ, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), кој во изминатиот период реагираше за работењето на актуелното раководство на М-НАВ и спроведувањето на огласите за вработување, ја стави во мирување одлуката за генерален штрајк.