Се надевам дека пациентот ќе успее да ја преброди повредата, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски

Слета владиниот авион со кој од Турција во земјава беше превезен пациент со тешки повреди. Станува збор за 28-годишен скопјанец, кој паднал од тобоган и добил тешки повреди на вратните пршлени. На 23 јули му била извршена хируршка интервенција во болница во Кушадаси, каде што бил задржан до денеска.
Лекувањето ќе го продолжи на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРИЛУЦ), каде веќе е хоспитализиран.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски, вели дека за време на транспортот со владиниот авион, пациентот бил придружуван од медицински тим, предводен од раководителката на КАРИЛ, д-р Марта Тренева.
„Пациентот е во здравствена состојба којашто бара интензивно лекување. Ја разгледавме медицинската документација и можам да кажам дека операцијата извршена во Турција е задоволителна и добро направена. Повредите на ‘рбетниот мозок се меѓу најсериозните повреди, се надевам дека пациентот ќе успее да ја преброди повредата“,
изјави Мерџаноски.
Тој најави дополнителни испитувања и понатамошна рехабилитација, вклучително и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.
