„Навистина сметам дека има голема оправданост во спојувањето на компаниите, бидејќи практично се наоѓаме во фаза на сингуларитет на суперинтелигенцијата. Постојат големи придобивки од соработката во развојот на софтвер за суперинтелигенција, дизајнирање чипови, проектот ‘Терафаб’ (Terafab), роботиката, транспорт на маса во орбитата преку ‘Стармајнд’ (Starmind), како и во областа на поврзувањето“, изјави Маск, кој е извршен директор на двете компании
Технолошкиот могул Илон Маск објави дека се формирани посебни комисии кои разговараат за евентуално спојување на компаниите „Спејс икс“ и „Тесла“, чиј извршен директор е тој, оценувајќи притоа дека станува збор за добра идеја, пренесе Ројтерс.

Веста за можното спојување доведе до скок на акциите на двете компании за осум проценти во продолженото тргување на берзите, откако „Спејс икс“ претходно годинава реши да излезе на берза.
Компанијата претходно ја објави својата прва добивка од берзанското тргување, а Маск изјави дека очекува годишен приход од 500 милијарди до еден билион долари до крајот на 2027 година. Ваквите проценки се поттикнати од растечката побарувачка за простор за дата-центри, што е последица на експанзијата на вешташката интелигенција (ВИ).
Маск претходно ја разбуди фантазијата кај акционерите со идејата за спојување на „Спејс икс“ и „Тесла“, укажувајќи на сè поголемото преклопување меѓу нив. Шпекулациите дека вселенската компанија би можела да го купи производителот на електрични возила зачестија во последно време, а банката „Барклис“ (Barclays) минатата недела излезе со прогнози дека договорот би можел да биде објавен пред годишното собрание на „Тесла“ што треба да се одржи во декември.
„Мислам дека тоа би било добра идеја, но конечната одлука зависи од посебните комисии на двете компании. Бидејќи јас имам конфликт на интереси, не можам да учествувам во дискусиите на посебните комисии“,
изјави вчера Маск.
Неговата изјава е прва официјална потврда дека двете негови компании формално преговараат.
Тој додаде дека компаниите ги формирале овие посебни комисии на барање на акционерите, кои на крајот ќе треба да го одобрат договорот.
„Навистина сметам дека има голема оправданост во спојувањето на компаниите, бидејќи практично се наоѓаме во фаза на сингуларитет на суперинтелигенцијата. Постојат големи придобивки од соработката во развојот на софтвер за суперинтелигенција, дизајнирање чипови, проектот ‘Терафаб’ (Terafab), роботиката, транспорт на маса во орбитата преку ‘Стармајнд’ (Starmind), како и во областа на поврзувањето“,
изјави тој, пренесе Ројтерс.
„Терафаб“, заедничкиот проект на двете компании за производство на чипови, треба да го произведе својот прв прототип на чип околу мај или јуни следната година, а целта е да се достигне сериско производство до третиот квартал од 2028 година, наведува Маск.
Што се однесува до спојувањето на „Спејс икс“ и „Тесла“, тој смета дека сè уште е прерано да се каже дека тоа ќе се случи, напоменувајќи дека специјалните комисии сè уште немаат постигнато договор за условите на трансакцијата, а можеби и никогаш нема да постигнат.
Инаку, најбогатиот човек во светот, Маск, поседува речиси една петтина од „Тесла“ и нешто помалку од половина од „Спејс икс“, а според аналитичарите спојувањето на двете компании би му овозможило целосна контрола врз новиот субјект.

Лице запознаено со случајот за Ројтерс изјавило дека разговорите за спојување започнале во текот на изминатите неколку недели и би можеле да резултираат со преземање на „Тесла“ од страна на „Спејс икс“. Инсистирајќи на анонимност, тоа навело дека „Тесла“ соработува со инвестициска банка која дава совети во рамките на тековните преговори.
Приходите од вештачката интелигенција ја поттикнуваат трансформацијата на „Спејс икс“
Инаку, како што наведува новинската агенција, приходите на „Спејс икс“ во третиот квартал се зголемиле за 161 проценти, достигнувајќи 14,58 милијарди долари, во споредба со истиот период од минатата година. Приходите поврзани со вештачката интелигенција (ВИ), пак, пораснале речиси десеткратно, на 7,56 милијарди долари, главно преку изнајмување капацитети за дата-центри на компании што развиваат ваква технологија, како „Антропик“ (Anthropic), „Алфабет“ и „Рефлекшн еј-ај“ (Reflection AI), наместо преку сопствени модели на вештачка интелигенција.
Третиот квартал понуди досега најјасен доказ дека големите инвестиции на „Спејс икс“ во вештачката интелигенција резултираат со приходи, иако трошоците за компјутерска инфраструктура остануваат огромни – капиталните расходи се речиси тројно зголемени, достигнувајќи 19,6 милијарди долари.
Оваа промена го преобликува „Спејс икс“, чиј финансиски двигател долго време беше бизнисот со интернет-услуги „Старлинк“, чии долгорочни амбиции сè уште зависат од воведувањето на ракетите „Старшип“ во редовна употреба.
Брет Џонсен, главниот финансиски директор на „Спејс икс“ изјави дека компанијата очекува капитални расходи во износ од 35 до 40 милијарди долари во четвртиот квартал.
„’Спејс икс’ го заврши кварталот како што посакуваа оптимистите на пазарот, барем кога станува збор за вкупните приходи. Во моментов, главниот фокус е вештачката интелигенција. Договорите за компјутерски ресурси, потпишани претходно оваа година, се претвораат во приходи побрзо отколку што многумина очекуваа“,
изјави Вил Рајнд, извршен директор на компанијата за управување со средства.
