Од опозициската партија велат дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не презема доволно мерки за зголемување на платите, а наместо тоа најавува увоз на странски работници
Вредноста на синидикалната минимална кошница, што ја пресметува ССМ, за октомври 2026 година изнесува 70 358 денари. Ова значи дека на едно четиричлено семејство месецов што истекува му биле потребни речиси 71 000 денари за да ги покрие основните животни трошоци
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска излегоа со соопштение во кое обвинуваат дека работниците во Македонија едвај ги покриваат основните животни трошоци, а минималната плата не е доволна ниту за храна и пијалаци за едно четиричлено семејство.

„Само за храна и за пијалаци во октомври на граѓаните им биле потребни 26 170 денари. Од јануари трошокот за храна и пијалаци пораснал за речиси 2 000 денари. Потрошувачката кошничка е над 70 000 денари, а со стан оди и над 90 000 денари. Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци“,
се вели во партиското соопштение.
Според податоците што ги изнесува СДСМ, од вкупно 540 000 вработени, околу 180 000 земаат месечна плата помала од 31 200 денари.
Тоа, како што велат, значи дека 33 отсто од работниците примаат плата под прагот на сиромаштијата.
„Работниците во Македонија едвај врзуваат крај со крај, со најниски плати во Европа. Овие луѓе одат на работа, работат, вложуваат труд и немаат доволно за достоинствен живот. Буквално живеат во сиромаштија“,
додаваат од партијата.
Од СДСМ сметаат дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не презема доволно мерки за зголемување на платите, а наместо тоа најавува увоз на странски работници.
„Наместо да ги зголеми платите, арамијата размислува за увоз на економски работници како евтина работна сила. Николоски вели 50 000 економски работници, а Мицкоски над 100 000. Оваа сурова реалност е одлука на арамијата Мицкоски, работниците да работат за малку пари и да бидат сиромашни“,
велат од опозициската партија.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) вчера ги објави податоците за синдикалната минимална кошница за октомври, а бројките покажуваат дека таа е за речиси илјада денари повисока во споредба со претходниот месец – септември.
Вредноста на синидикалната минимална кошница, што ја пресметува ССМ, за октомври 2026 година изнесува 70 358 денари. Ова значи дека на едно четиричлено семејство месецов што истекува му биле потребни речиси 71 000 денари за да ги покриени основните животни трошоци – храна и пијалаци, облека, обувки, станарина, комунални трошоци, лична хигиена, здравје, транспорт, комунакции, рекреација и култура, образование.
Според ССМ, ова значи дека синдикалната минимална кошница е зголемена за 926 денари во споредба со септемри, кога изнесувала 69 432 денари, но истовремено е за речиси 4 000 денари повисока споредено со онаа пресметана на почетокот на годината.
