Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, изјави дека администрацијата ги поништува визите со побрзо темпо од која било претходна администрација во американската историја. Порача и дека Вашингтон нема да толерира странски државјани кои го прекршуваат законот, вршат измами или претставуваат закана за националната безбедност
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поништи повеќе од 300 000 визи на странски државјани од јануари 2025 година, соопшти Стејт департментот, наведувајќи дека мерките се дел од засилените напори за спроведување на имиграциските закони.

Бројот на поништени визи значително се зголемил во последните месеци. Во август, американските власти соопштија дека од почетокот на вториот мандат на Трамп биле поништени повеќе од 175 000 визи.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, изјави дека администрацијата ги поништува визите со побрзо темпо од која било претходна администрација во американската историја. Порача и дека Вашингтон нема да толерира странски државјани кои го прекршуваат законот, вршат измами или претставуваат закана за националната безбедност.
Сепак, дел од овие мерки наидоа на критики од активистите за човекови права. Тие особено реагираат на поништувањето визи на странски државјани кои учествувале во протести против израелските напади врз Газа, како и на лица кои на социјалните мрежи коментирале за убиството на конзервативниот коментатор Чарли Кирк.
Покрај засилените проверки и обидите за депортација на странски демонстранти, администрацијата воведе и построг надзор на активностите на социјалните мрежи на имигрантите и лицата кои аплицираат за визи.
Организациите за човекови права предупредуваат дека американските власти ги користат аргументите за национална безбедност за да ги таргетираат критичарите, а изолираните случаи на измама како оправдување за мерки што ги засегаат цели имигрантски заедници.
Иако Трамп за време на претседателската кампања во 2024 година вети дека ќе ја запре илегалната имиграција, неговата администрација ги заостри условите и за легалниот влез во земјата, меѓу другото, преку воведување високи такси за одредени категории работни визи.
