Посакувам, истакна министерот, да бидам првиот што ќе најави дека од утре сме без маски и сигурно ќе бидам запаметен по таа изјава, меѓутоа состојбата не е сè уште толку позитивна за да кажеме „од денеска сме слободни“
Серолошката анализа покажа дека 86 отсто од вакцинираните и 75 отсто од невакцинираните кои прележале ковид-19, имаат имунитет, истакна денеска министерот за здравство Беким Сали и додаде оти е оптимист за општата состојба со ковид во земјава, но не и за антиковид-мерките.
Како што кажа и самиот, сè уште се наоѓаме на граница помеѓу жолта и зелена зона во врска со ковид-состојбата, но повеќе одиме кон жолтата.
„Оптимист сум за општата состојба кај нас, меѓутоа сè уште не сум оптимист за мерките“,
истакна министерот за здравство Беким Сали, кој рече дека за жал ние сè уште сме на граница меѓу жолта и зелена зона, но повеќе одиме кон жолтата зона.
Тој посочи дека индикаторот за хоспитализација и новоинфицирани е позитивен, но оти веќе не е показател само бројот на новоинфицирани, туку дека е многу значајно колку се новоинфицирани и хоспитализирани на 100 000 жители и колку од нив имаат последици од тоа.
Посакувам, истакна министерот, да бидам првиот што ќе најави дека од утре сме без маски и сигурно ќе бидам запаметен по таа изјава, меѓутоа состојбата не е сè уште толку позитивна за да кажеме „од денеска сме слободни“.
На една страна се желбите, а од друга страна се реалните бројки кои ги добиваме, потенцира министерот, додавајќи оти како Министерство следат „четири држави кои ни се репер како први држави кои ослободија мерки“.
„Денес таму забележуваме бумеранг и враќање на првобитна состојба. Сите ние се согласуваме дека не би ризикувале да направиме таков потег со цел само да олесниме, а повторно да се вратиме на претходното. Оваа недела на состанок на Комисијата за заразни болести закажан за среда ќе видиме каква е епидемиолошка состојба во државата“,
рече Сали.