Божиновска и Лудва информирале дека се разгледува и можноста за воведување и сезонска линија Прага – Охрид, со цел стимулирање на туристичките врски и промоција на Охрид како дестинација од интерес за чешките туристи

Воведувањето директна авионска линија Скопје – Прага е на пат да се реализира и во наредните месеци да биде воспоставена како редовна. Ова е идејата за која на денешната средба разговарале министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и амбасадорот на Чешка во Македонија, Јарослав Лудва.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија дека Божиновска на средбата ја истакнала важноста на директната поврзаност меѓу двете земји и најавила дека е задоволна што нејзината инцијатива за директна авионска линија со Прага добила силна поддршка од амбасадорот кој се заложил за нејзина реализација.
„Посебно ме радува што амбасадорот Лудва ја поддржа мојата иницијатива за директна авионска линија Скопје – Прага. Со заедничка заложба успеавме оваа идеја да е на пат да се реализира и во месеците што следат ќе биде воспоставена редовна авионска линија, која ќе придонесе за олеснување на соработката во трговијата, бизнисот и културната размена. Со тоа поставуваме нови темели за партнерства и инвестиции“,
изјавила Божиновска.
Освен за директна авионска линија Скопје – Прага, Божиновска и Лудва информирале дека се разгледува и можноста за воведување и сезонска линија Прага – Охрид, со цел стимулирање на туристичките врски и промоција на Охрид како дестинација од интерес за чешките туристи.
На средбата, како што се вели во соопштението од министерството, се разговарало за можностите за проширување на соработката во областа на енергетиката, а биле договорени и конкретни активности за реализација на две иницијативи на министерката Божиновска и тоа за одржување заедничка седница на министри од двете земји од повеќе ресори, со цел унапредување на билатералните односи.
Министерката и амбасадорот, се додава во соопштението, рекле дека ќе се заложат на седницата да се потпишат и меморандуми за соработка во повеќе области и да се разгледаат и конкретни активности за продлабочување на економските и енергетските односи. Исто така, се предлага во делегацијата да се вклучени и претставници на македонската бизнис-заедница со цел воспоставување партнерства со чешките компании.