Според Игор Јанушев, судијката од Кривичниот суд е предложена за член на Уставниот суд затоа што сите членови во Судскиот совет биле именувани на функциите во време на СДСМ
Пратениците и јавноста никако не добиваат одговор зошто токму Добрила Кацарска е предложена за судијка во институција која е чувар на уставноста и законитоста, забележа денеска пратеникот и доскорашен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на третиот ден од собраниската дебата за предлогот судијката од Кривичниот суд во Скопје да биде уставна судијка.
„Зошто токму Кацарска заслужува да биде избрана за уставен судија? На ова прашање ниту ние како пратеници ниту јавноста не доби одговор. Зошто Киро Здравев, прв човек на Судскиот совет, не дава ниту образложение ниту информации за кандидатот. Господине Здравев, вие одговарате во Собрание зошто во Собранието сте избран за таа функција“,
рече Јанушев, кој во изминатиот период не беше присутен воопшто во јавноста по оставката што ја поднесе на партиската функција.
Пред пратениците, Јанушев објаснуваше и како Здравев е избран на чело на Судскиот совет (СС), кој ја предложи Кацарска за член на Уставниот суд.
„Здравев е избран во Апелацискиот суд во Штип во време на СДСМ, за судија во Врховен суд е избран кога на власт е СДСМ. Затоа не можете да ми зборувате за немашање на политиката во судството“,
рече Јанушев оценувајќи дека сите судии до еден во Судскиот совет се именувани за судии и дошле до функции и вработувања кога на власт е СДСМ.
На обвинувањата од Јанушев и други опозициски пратеници дека Кацарска не го познава и го прекршува Уставот, пратеничката на СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева, одговори дека ситуацијата е обратна.
„Вие сте тие што го прекршуваат Уставот. Три дена расправате тука за судија со 34-годишно судиско искуство. Тоа е само затоа што имате проблем поради кривичните постапки што се водат против ваши поранешни високи функционери“,
рече Ванчева.
И додека се чека изборот на деветтиот член на Уставниот суд, таму денеска беше одложено одлучувањето за иницијативата за колективната аболиција што ја даде поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов за случаите на некогашното СЈО.