Од судот информираат дека странките и јавноста ќе бидат дополнително известени кога ќе биде насрочен термин за главна расправа

Советот за оценка на обвинителниот акт го одобри обвинението на Основното јавно обвинителство Скопје против осомничениот Васил Јованов за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, поврзано со сообраќајната несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје од јануари годинава во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.
Обвинението е одобрено од страна на судот, со што е формиран кривичен предмет К.бр. 780/25. Предметот ќе биде распределен на понатамошно судење преку АКМИС-системот.
Од судот информираат дека странките и јавноста ќе бидат дополнително известени кога ќе биде насрочен термин за главна расправа.
По целосно спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје на крајот на март годинава поднесе обвинение против Васил Јованов. Како што рекоа од Обвинителството, Јованов се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Оттаму посочија дека Јованов, возејќи по булеварот „Партизански одреди“, кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со улицата „29 Ноември“, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал, удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова која поминувала на обележан пешачки премин и зелено светло за пешаци.
Од силата на ударот, оштетената се издигнала во воздух и удрила во семафор, поставен на разделното пешачко стојалиште, па се здобила со тешки телесни повреди од кои починала на лице место.
Поврзани вести:
- (ФОТО+ВИДЕО) „Не е несреќа, туку убиство“, „Врските не враќаат човечки живот“ – граѓани бараат правда за Фросина
- Возачот што смртно ја прегази 22-годишната девојка во април лани бил во притвор, а во 2022 година направил уште една сообраќајка
- За Кривичен е нејасно зошто се поврзува случајот во кој осомничениот возач е пуштен од притвор со сообраќајката на „Партизанска“
- Возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено – детали за несреќата на „Партизанска“
- Апелација му пресуди 3 години и 10 месеци на Васил Јованов за продажба на дрога
- Санкциите не се одмазда, туку превенција од идни кривични дела – оценил Кривичен во пресудата против Васил Јованов за поседување дрога