Освен кривичната пријава за неовластено производство и пуштање во промет на дроги, поради што 20-годишникот лани бил во притвор, против момчето била поднесена кривична пријава и на 1 февруари 2023 година за сообраќајна несреќа која се случила на 4 ноември 2022 година во која едно лице било полесно повредено
Против возачот што пред два дена смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на 30 март минатата година била поднесена кривична пријава од страна на МВР поради неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје уште истиот ден повело истрага и побарало притвор против момчето.
На органите на прогонот им станал достапен на 2 април и веднаш почнал да го издржува притворот, информираат денеска од ОЈО Скопје додавајќи дека по завршување на истрагата на 21 мај е поднесен обвинителен акт против момчето и е побарано продолжување на притворот.
„И тој предлог е прифатен и на лицето му е продолжен притворот сè до 31.7.2024 година кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда – решение со кое го огласи за виновен и му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом во согласност со Законот за правда на децата при што ја укина притворската мерка. На 30.9.2024 година јавниот обвинител незадоволен од пресудата вложи жалба и предметот се уште е во жалбена постапка. Жалбата е во однос на воспитната мерка бидејќи во однос на притворот жалба не е дозволена со оглед на тоа дека не е изречена казна туку воспитна мерка“,
информираат од Обвинителството.
Против момчето била поднесена кривична пријава и на 1 февруари 2023 година за сообраќајна несреќа која се случила на 4 ноември 2022 година во која едно лице било полесно повредено.
„Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел решение со кое не се презема кривично гонење согласно член 43 од Законот за кривична постапка, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18 000 денари во корист на Буџетот на Република Северна Македонија“,
додаваат од ОЈО Скопје.
Освен за овие кривични дела, МВР повело и прекршочна постапка против момчето за возење без дозвола.
Вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ, 20-годишникот со автомобил удри во 22-годишна девојка на булеварот „Партизански одреди“ која им подлегна на повредите на самото место. Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено.