Комисијата за заразни болести заедно со претставници на Министерството за образование и наука денеска одржуваат состанок на кој се очекува да бидат финализирани протоколите за реализација на наставата од 1 септември. Епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата и директор на Центарот за јавно здравје Скопје, за МИА потврди дека во моментов имаат состанок за протоколите за кои и претходно со работната група на МОН имаа консултативни средби за утврдување на деталите.
Десетти август како рок до кога ќе се донесе конечната одлука го најави заменик министерката за образование Елизабета Наумовска уште пред празникот Илинден, а во петокот до Комисијата зa заразни болести се доставени протоколите за настава.
Маска на лице, редовна хигиена на раце и и по едно дете во училишна клупа се клучните препораки на Комисијата во протоколите на новата училишна година.
Министерството за образование, пак, предложи неколку сценарија за наставниот процес: да се спроведе со скратени програми, да се скрати учебната година, да се намали бројот на ученици во училниците, да се работи во смени и да се реализира учење од далечина.
Еден од предлозите е и секое училишта според условите и можностите да организира настава, затоа што не секоја општина има голем број на активни заразени случи со ковид -19.
Но, како ќе изгледа училишната година за сите деца и дали ќе биде поедеднаква за сите општини, не знаат ниту децата, ниту родителите, а ниту наставниците.
Министерот за образование Арбер Адеми во петокот изјави дека зелено светло за модалитетите, како што рече, е дадено од Комисијата за заразни болести со кои во детали ги разработиле, добиле ставови и од СОНК и дека овие денови се очекува нивното финализирање. Додаде дека има доволно време до 1 септември навреме да се организира почетокот на 2020/2021 година и сите училишта да се подготват за спроведување на протоколите.
„Следна фаза е уште еднаш протоколите да се разгледаат во Комисијата и потоа на седница на Влада да се одлучи кој модел конкретно би се активирал за кои околности и во која епидемиолошка состојба. Имаме време пред нас. Преовладува позитивно мислење и во Kоординативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Не прејудицираме, се разгледуваат сите можни опции, ги имаме протоколите за сите модели на настава кои се подготвуваат низ инклузивен пристап со консултација на сите засегнати страни за да имаме издржани решенија“,
рече Адеми во петокот.
Адеми денеска на својот фејсбук-профил објави дека е негативен на коронавирусот и дека од денеска им се враќа на работните активности.
„Конечно заврши предизвикот со КОВИД-19. По две негативни последователни тестирања, од утре се враќам на активностите и многуте работи што се пред нас. Сакам да упатам порака до сите вас да бидете внимателни, да носите маски и да држите растојание. Благодарам од срце за изразената грижа, со вас ми беше многу полесно“, напиша Адеми кој беше во изолација поради контакт со заразен со ковид.